Спречена е експлозија на над 80 тони гас во кругот на поранешна велешка „Порцеланка“
Пеколните температури ги разгоруваат жариштата, пожарите и понатаму активни во земјава. Се гаси од копно и од воздух, вклучени се домашни и странски летала, а од денеска вкупно 300 армиски припадници ќе даваат активен придонес на терен за локализирање на пожарите.
Претседателката Сиљановска-Давкова бара да се препрочита Законот за управување со кризи и да се направи целосно преиспитување на организацијата внатре, со цел подобро и полесно справување со пожарите, кои речиси секое лето ја зафаќаат државата.
Пожарот на планината Серта и понатаму останува најкритичен. Од штипска страна се шири кон селото Пиперово, а во овој регион засега има две жаришта. Тој кај селото Драгоево е ставен под контрола, но критична останува точката кај приватното ловиште. ОД ЦУК информираат дека освен на Серта, активни се уште 13 пожари ширум државата.
Денеска во Mинистерството за внатрешни работи се одржа координативен состанок на кој е донесен заклучок за целосно мобилизирање на сите расположливи човечки и технички ресурси на МВР под оперативна акција „Пожар 2024“. Со што сите материјално-технички средства со кои располага МВР, ќе бидат ставени во функција на справување со пожарите.
Инаку, вчера беше формиран регионален Кризен штаб за пожарите со седиште во Кавадарци. Со овој кризен штаб ќе координира кавадаречкиот градоначалник, Митко Јанчев.

