СподелиАвторка слави 5 години: Женско авторство, феминистичка мисла и заедница

Иницијативата „#СподелиАвторка“ годинава одбележува пет години постоење, период во кој преку промоција на женското авторство, феминистичката и квир литературата, создава простор за поддршка, солидарност и заедничарење.

По повод јубилејот, на 19 мај со почеток во 18 часот, во Лабораториум ќе се одржи роденденски настан отворен за јавноста. Програмата ќе вклучува собирање донации на книги, разговор посветен на феминистичката мисла и потребата од простор за женски гласови, работилница за препев на поезија во соработка со платформата Медуза, поетско читање со поетесата и новинарка Александра Спасеска, како и музичка програма со DJ Marigo.

Од иницијативата посочуваат дека во изминатите пет години преку „#СподелиАвторка“ биле донирани повеќе од 5.000 книги во над 20 јавни и независни библиотеки, младински центри, заеднички простори и библиотеката на женското одделение во КПУ Идризово. Со тоа, феминистичката литература и делата од жени авторки станале подостапни за читатели од различни градови и заедници, особено во помалите и маргинализирани средини.