Специјализации на стенд бај
Foto

Специјализации на стенд бај

Најмалку петмина млади лекари вработени во штипската Клиничка болница годинава заминуваат на специјализација. Лани поради пандемијата не се реализираше ниту една. 

Од штипската Клиничка болница велат дека годинава очекуваат да добијат специјализации по анестезија, ортопедија, максифацијална хирургија, неврохирургија и инфективно. Оние кои добија специјализации и неколкумина млади лекари кои беа вработени во штипската Клиничка болница беа вклучени како поддршка на своите постари колеги од Ковид центарот. 

На нови специјалисти се надеваат и од крајниот исток во државата. Во Делчево и Македонска Каменица две години никој не заминал на специјализација. Претходните  конкурси пропаднаа бидејќи веќе одобрените специјализации не се реализираа. Дел од лекарите заминаа во странство, а дел одбраа приватно усовршување.

Очекуваме годинава три специјализации. Интерно и неврологија за здравствениот дом во Македонска Каменица и уште една за неврологија во Делчево. Мислам дека тие се приоритени за нас бидејќи тука претежно имаме постаро население, вели Марија Глигоровска, директор на Здравствен дом Делчево.

Во кочанската болница чекаат од специјализација да се вратат 13 лекари од различни специјалности. Таму недостига и најмалку еден инфектолог бидејќи единствениот лани замина во пензија. Лекари специјалисти недостигаат речиси секаде во помалите општини од Истокот, најдефицитарни се педијатрите и интернистите.

0 Коментари

Остави коментари