Спасовски покажа фотографија од Љупчо Палевски - Палчо кој вечерва беше уапсен во Турција

Љупчо Палевски - Палчо, првоосомничен за грабнувањето и убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска, е уапсен од турската полиција како се движи пешки по автопат во градот Баликесир, објави вечерва на вонредната прес конференција, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Спасовски рече дека при апсењето, тој бил сам и не пружил отпор. Во Турција стигнал преку Бугарија, од Србија, каде што првично избегал на 30 ноември. До Белград го однел неговиот адвокат со возило „шкода суперб“, а оттаму до Турција го однело друго лице, со возило „ленд ровер“, објасни министерот и кажа дека не се знаела последницата дестинација на која сакал да замине Палевски. Спасовски информираше дека е добиено и официјално известување од полицијата во Турција, а пронаоѓањето се било исто како и на оперативните сознанија на македонското МВР во врска со патеката на движење на осомничениот Палевски.

- „Тоа беше и последната алка од овој грозоморен чин, која ни недостигаше за да кажеме дека сме завршиле сѐ што беше во надлежност на МВР сосема да ги разобличиме сторителите на ова свирепо двојно убиство, кое длабоко нѐ потресе сите, од најмладо, до најстаро. Вчера попладне, на барање на нашето Министерството за внатрешни работи, беше распишана итна меѓународна потерница од страна на Интерпол за Љ.П. од Скопје, лице барано за истрага на тешки кривични дела „грабнување" и "убиство“, по издадена наредба од Основното јавно обвинителство Скопје. Тоа е т.н. ЦРВЕНА ПОТЕРНИЦА која во истиот момент стана видлива во целиот свет, во сите земји членки на Интерпол“, истакна министерот Спасовски, упатувајќи посебна благодарност за соработката најпрво до Република Турција, како и до Република Србија и Република Бугарија, на чии територии водеше патеката на движење на осомничениот, но и на Република Хрватска, која самоиницијативно извести дека веќе извршила проверки на нивната територија, рече Спасовски.

Спасовски рече дека Палевски е креатор, планер, главeн координатор и директен извршител на грабнувањето и убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски. Во врска со процесот за екстрадиција на Палевски о Македонија, министерот рече дека тоа ќе се одвива по процедура. 

- Сега веќе можам да кажам дека нашето заврши, а постапката за определување на екстрадиционен притвор за него продолжува од страна на Министерството за правда сѐ додека лицето не биде спроведено во нашата држава, а потоа и веднаш изведено пред лицето на правдата. - рече министерот.