Спасовски од Берлински процес во Тирана: Целосно сме посветени кон европеизација и приближување до европските системи
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски учествуваше на Конференција на министри за внатрешни работи во рамки на Берлинскиот процес која во периодот од 13 до 15 септември се одржува во Тирана, Република Албанија, а на која учествуваат министри за внатрешни работи од регионот и земјите партнери на Берлинскиот процес. Министерот Спасовски се обрати во рамки на двете сесии на темите “Интегрирано гранично управување на Западен Балкан”, “Регионална соработка во борбата против организиран криминал”, и “Партнерство за сајбер безбедност на Западен Балкан”.
Изразувајќи благодарност во свое и во име на Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија, до Министерството за внатрешни работи на Република Албанија за организирањето на Конференцијата на министри за внатрешни работи, како и за континуираноста на Берлинскиот процес посветен на европската интеграција на регионот на Западен Балкан, министерот Спасовски истакна дека соработката започна под закрила на Берлинскиот процес, продолжува како Берлин плус, со надеж да се постигне оперативна соработка како „Берлин на квадрат“, удвојувајќи ја ефективноста и ефикасноста на работата и соработката.
Во однос на темата “Регионална соработка во борбата против организиран криминал”, Спасовски потсети на Заедничката декларација за начелата на соработка во областа на размена на информации за спроведување на законот, изработена од Управната група за преземени обврски од областа на безбедност во рамки на Берлинскиот процес. Исполнувајќи една од задачите утврдени во рамки на споменатата Управна група за реализирање на Мапирачка вежба за идентификување на добри практики и евентуални недостатоци, Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија во 2021 година реализираше симулациска вежба за размена на информации во реално време за заштита на критична инфраструктура во Западен Балкан, со учество на полициски службеници и обвинители од земјите од регионот. Министерстото за внатрешни работи на Република Италија, односно проектот ИПА 2019 „Сузбивање на сериозен криминал во Западен Балкан“, изготви извештај од вежбата, утврдувајќи добри практики и препораки за подобрување на меѓународната полициска соработка во размената на информации. Денес, од оваа перспектива и повторно под закрила на Берлинскиот процес би сакал да предложам спроведување на уште една ваква симулациска вежба, но не само помеѓу земјите од Западен Балкан, туку и со вклучување и на земјите од ЕУ - партнери во овој процес”, истакна министерот Спасовски.