Спасовски на Самитот ЕУ – Западен Балкан: Подготвени сме да го отпочнеме преговарачкиот процес согласно со новата методологија
Foto

Спасовски на Самитот ЕУ – Западен Балкан: Подготвени сме да го отпочнеме преговарачкиот процес согласно со новата методологија

Северна Македонија во последните три години реши сериозно да заврти нови страници во својата историја. Излеговме од длабока политичка криза и ги возобновивме демократските институции и владеењето на правото. Испорачавме конкретни и одржливи резултати во спроведувањето на ЕУ поврзаните реформи и во добрососедските односи. Станавме 30-та членка на НАТО и под ваше водство добивме одлука за почеток на ЕУ пристапните преговори, истакна премиерот Оливер Спасовски во обраќањето на пленарната сесија на видеоконференцијата на Самитот на ЕУ за Западен Балкан – Загреб 2020.

Премиерот Спасовски, заедно со вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров учествуваше во работата на Самитот кој оваа година се одржува во организација на Хрватска, како актуелен претседавач на Европската Унија, а поради пандемијата со КОВИД-19 организиран е онлајн.

Во обраќањето на Спасовски како што рече, ќе работиме посветено со Комисијата и ЕУ Советот што поскоро да ја закажеме Првата меѓувладина конференција која ќе го означи практичниот дел од преговарачкиот процес согласно со новата методологија.

Лидерите на земјите членки на Европската Унија и лидерите за земјите од Западен Балкан на Самитот дискутираа за соработката за справување со КОВИД-19, за европската перспектива на земјите од Западен Балкан, како и посветеноста на земјите од Западен Балкан на европските вредности и реформи.

Во контекст на пандемијата во изминатите месеци, Спасовски во обраќањето истакна дека заразата сите заедно нè соочи со суров избор помеѓу животот и смртта на нашите граѓани и опстанокот на нашите економии. Според него, Загрепскиот самит се случува во вистинско време, кога Европа најпосле забележува намалување на ширењето на заразата и олабавување на рестриктивните мерки.

Во оваа пригода Спасовски се заблагодари за, како што рече, видливо демонстрираната солидарност и помош од страна на ЕУ во форма на итна поддршка за здравствениот сектор, финансиски пакет за соочување со социоекономските последици, како и макро финансиската помош која ќе биде нивно важно надополнување.

0 Коментари

Остави коментари