Спасовски: Целта на грабнувањето на Вања било да се извлечат пари од мајката, за движењето на Вања дојавил член на семејството
Во координација меѓу МВР и Основното јавно обвинителство Скопје беа пронајдени двете исчезнати лица, едното во близината на Скопје другото лице во близина на Велес. Сторителите се пронајдени и се упасени. Осомничени се пет лица, од кои за три има мерка притвор, едно е надвор од државата, а таткото на малолетничката е приведен, извршен е распит и ќе се преземаат понатамошни дејствија, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на денешната прес конференција изразувајќи сочувство до семејствата на убиените.
- Мотивот е користољубие. Еден од извршителите во координација со член од семејството го извршиле грабнувањето со цел да извлечат материјална корист од мајката на малолетничката. Што се однесува до другото лице, имале нерасчистени односи и му било земено возилото. Со истото тоа возило била грабната малолетничката. Таткото споделил информација за времето кога таа сама ќе излезе од дома. Главниот организатор и извршител кој некаде околу 10 часот ја усмртил малолетничката исплашен од доказите до кои може да дојде полицијата, објасни министерот Спасовски и додаде дека му се следи трагата и кога ќе стапне на тло на Македонија ќе биде лишен од слобода.
Спасовски појасни дека МВР и ОЈО вчера не излегоа на прес конференција од причини што семејствата не треба да дознаат за смрт на блиските лица од медиумите, а не затоа што беше недела оти МВР и ОЈО немаат работно време.
- Важно е да се мисли на семејствата, а луѓето работат се уште за утврдување на околностите. Оставивме да се изврши уште еден распит и неколку претреси за кои се чекаа судски наредби. Познато е дека СВР Скопје и СВР Велес веднаш ги презедоа сите мерки по пријавувањето на лицата за исчезнати. Беа извршени претреси во домови на подрачјето на Скопје, Велес и Штип, при што се пронајдени и одземени мобилни телефони, разговарано е со лица кои би можеле да имаат информации, а секојдневно работеа стотина луѓе на овие случаи, рече Спасовски.
Тој вели дека станува збор за изолиран случај на брутални кривични дела извршени од монструми кои го познавале семејството. Спасовски им се заблагодари на сите граѓани за помошта, а им се заблагодари и полицајците.
- Лицето што е заминато од државата е заминато во Белград со возило со неговиот адвокат од каде заминува за Бугарија, одговори Спасовски на новинарско прашање, - а тоа се случило на 30 ноември.