Спасени сите работници кои беа затрупани по уривањето на тунел во Индија
Сите 41 работник кои беа заробени повеќе од две недели по уривањето на тунел во Индија денеска се спасени, соопштија локалните власти, а пренесе Би-би-си.
Тие поминаa 17 дена под земја. Спасувачките екипи копаа со машини и рачно за да стигнат до работниците и ги извлекоа преку цевка поставена во отворот. По уривањето на тунелот, работниците преку цевководот се снабдуваа со вода и сува храна, додека комуницираа преку токи-воки.
Од препреките на тој планински терен, машината за дупчење се расипуваше неколку пати. Тунелот Силкјара во изградба долг 4,5 километри, на фреквентен пат во индиската сојузна држава Утараханд, се урна на 12 ноември.