Советот на општина Аеродром го донесе деталниот урбанистички план за дел од населбата Лисиче

Остри реакции откако Советот на Општина Аеродром, на вчерашната седница го донесе Деталниот урбанистички план со кој е предвидено да никне висококатница.

Попладнево жителите на општина Аеродом и населба Лисиче  се организираат за протест против новиот ДУП со кој тврдат  се предвидува бетонизација на Лисиче и изградба на на висококатница на 12 ката, на крстосницата помеѓу булеварите „Србија“ и „12-та Македонска бригада“.

И опозицијата во општината реагира дека носењето на ДУП-от не бил во планот за работа на вчерашната седница и има доста спорни моменти.

Ова е просторот во скопско Лисиче каде е предвидено да никне 12катница. Телевизија 24  поразговара со дел од  граѓаните кои се поделени во мислењата. 

„За нас во никој случај не е проблем баш ќе ми биде задоволство да има нешто да се направи убаво.“

„По мое многу е високо тоа на овој простор.“

„Мене не ми смета тоа, убаво е да има паркови вака згради, повеќе луѓе да се шетаат.“

„Претставува проблем секако, овдека толку е загаден воздухот и уште да ни опнат толкави згради и што треба да се угушиме ние овде.“ 

„Ќе ни ја уништат населбата, ова е убава вака.“ 

Од општина Аеродром велат дека целта на овој урбанистички план е да се унапреди урбаното живеење и да се подобри квалитетот на животот во општината 

„Советот на Општина Аеродром, на вчерашната седница го донесе Деталниот урбанистички план за дел од населбата Лисиче, кој предвидува изградба само на една зграда, два паркови и решава важни урбанистички и комунални прашања на граѓаните кои живеат во овој дел од општината.  - велат од општината.

Деталниот урбанистички план е донесен на вчерашната седница на Општина Аеродром.Според инфромациите тој не бил планиран на дневниот ред но, откако точката била ставена на разгледување мнозинството од советници на ВМРО-ДПМНЕ го усвоиле и го изгласале.

Против изградба на згради во населбата Лисиче неколку пати дел од жителите излегоа на протести и испратија порака до локалните власти дека не сакаат дополнителна урабонизација на местото каде што живеат. Во претходниот ДУП беа предвидени девет висококатници.