Советот на јавните обвинители ја констатира оставката на обвинителот Мустафа Хајрулахи

Советот на јавни обвинители на денешната седница констатира престанок на функцијата јавен обвинител на Мустафа Хајрулахи, поранешниот шеф на Вишото јавно обвинителство Скопје.

Бидејќи самиот Хајрулахи побарал да му престане функцијата, членовите на Советот денеска само го констатираа нејзиниот престанок, без никаква претходна дискусија или гласање.

Инаку, Хајрулахи беше суспендиран од функцијата и од позицијата шеф на скопското Вишо јавно обвинителство откако Основното јавно обвинителство Штип поднесе обвинителен акт против него за пет кривични дела малтретирање во вршење на службата и едно за злоупотреба на службената положба и овластување.

Обвинението се темели на наодите од истрагата дека Хајрулахи во периодот од септември 2023 до октомври 2024 година ја користел хиерархиската надреденост за континуирано психичко насилство и закани врз пет вработени жени, при што, според Обвинителството, им се заканувал дека „ќе ги дигне на клоци“ или „ќе ги фрли од шести кат“ и се обидувал да ги принуди да потпишат изјави дека биле изманипулирани.