Советот на јавни обвинители не може да го разреши Мемети, ама му препорачува да не учествува во работата

По отворената истрага поврзана со примање награда за противзаконито влијание, второосомничениот Иџет Мемети, кој воедно е и Заменик претседател и член на Советот на јавни обвинители, денеска не дојде на седница на Советот. 

Претседателката, Душица Димитриеска, истакна дека Меџити непосредно пред почетокот ја информирал дека нема да присуствува на денешната седница.

Димитриеска образложи дека членовите на Советот немаат законски можности за негово разрешување, па Мемети треба да одлучи сам дали ќе учествува во работата на Советот, со оглед на фактот дека нема забрана за вршење дејност, иако во моментов е со мерки за претпазливост.

Останатите членови на Советот се надеваат дека столчето на осномничениот Мемети додека трае постапката ќе остане празно, бидејќи овој случај претставувал непријатна работа која влијае врз кредибилитетот и угледот на институцијата. Но, дали Мемети ќе учествува во работата и одлуките на Советот или пак планира да се повлече од функцијата, ТВ 24 се обиде да добие одговори токму од него, меѓутоа до објавување на прилогот Мемети беше недостапен за прашања, а телефонот му беше исклучен. 

Инаку, Мемети е второосомничен во истрагата во која е вклучен и врховниот судија, Наке Георгиев. Според обвинителството, Георгиев и Мемети ветиле погодности за постапката која се води против екс градоначалникот на струмичко Ново Село, Боро Стојчев за шверц на марихуана.