Советот на јавни обвинители ја констатираше оставката на Ленче Ристоска

Советот на јавни обвинители ја констатираше оставката на Ленче Ристоска, поднесена од нејзина страна на втори април. На седницата претседателот на Советот Башким Бесими, рече дека нема расправа и се констатира престанок на функцијата. Тој изјави дека согласно Закон секој обвинител има право да поднесе оставка, истовремено не ги коментираше ставовите на Ристоска изнесени претходно во јавноста, а поврзани со оставката.

Башким Бесими-претседател на Совет на јавни обвинители

„Согласно закон има право во секое време, секој обвинител, не само таа да поднесе барање за повлекување. Ние само констатираме оставка. Не коментирам изјави на колешката.“

Државниот јавен обвинител Ненад Савески по седницата, на заминување кусо рече дека предметите се распределени. Според Савески погрешно е да се поврзуваат предметите со лични решенија, вели одлуката за оставката е на Ленче Ристоска.

Ненад Савески-државен јавен обвинител

„Никогаш предметите нема да ги врзувам и погрешно е да се врзуваат предметите со конкретни персонални решенија, односно конкретниот обвинител. За мене е секој предмет ист. Без оглед кој е обвинет во постапката.“

Обвинителката Ленче Ристоска поднесе оставка откако ѝ беа одземени предметите „Талир 1“ и „Талир 2“, кои се однесуваа на финансиска злоупотреба на владејачката ВМРО-ДПМНЕ и беа во завршна фаза. Ристоска откако ја поднесе оставката посочи дека се соочила со институционални и лични опструкции, а според неа кулминацијата била одлуката на државниот јавен обвинител Ненад Савески, како и отфрлањето на нејзината претставка пред Советот на јавни обвинители.