Советот на Град Скопје утре ќе го разгледува полугодишниот извештај за извршувањето на Буџетот за 2021 година

Советот на Град Скопје на утрешната седница треба да расправа за Полугодишниот извештај за извршувањето на Буџетот на Град Скопје за 2021 година и за полугодишните извештаи за работата на градските јавни претпријатија за 2021 година, како и за предлог-одлуката за давање согласност за продажба на акции и управувачки пакет од Друштвото за спортски дејности Фудбалски клуб Вардар АД Скопје.

Во првото полугодие од 2021 година, како што информираат од Град Скопје, вкупните приходи и други приливи, се остварени во износ од 3.153.123.761 милијарди денари, што претставува остварување од 43,7 проценти во однос на планираното, додека остварувањето на приходите и приливите во вкупниот буџет на Град Скопје со вториот квартал од 2021 бележи позитивна динамика на пораст. Споредено со истиот период од 2020 година, остварените приходи и приливи со вториот квартал од 2021 се поголеми за 17,8 проценти.

-Во структурата на приходите на Град Скопје во првата половина на 2021 година најголем удел имаат даночните приходи (42,6%), трансфери и донации (41%), капитални приходи (4,7%), домашно задолжување (7,8%) и неданочни приходи (3,8%), се вели во соопштението од Град Скопје.

Вкупните расходи и други одливи во буџетот на Град Скопје за 2021 година, во првото полугодие се извршени во износ од 2.7 милијарди денари, што претставува извршување од 37,7 проценти од планираното за 2020 година. Споредено со извршувањето на расходите во истиот период од 2020 година, извршените расходи за првото полугодие од 2021 година бележат зголемување од 9,7 отсто/

Зголемувањето е забележано кај Буџет на дотации и Буџет на самофинансирачки активности, додека кај другите буџети има намалување на расходите.

На утрешната седница Советот ќе расправа и за полугодишните извештаи за работата на градските јавни претпријатија за 2021 година.