Советот на град Скопје не ја изгласа иницијативата за мораториум за внесување нови животни во ЗОО Скопје
Тензија и тешки зборови упатени од говорницата во Советот на Град Скопје. Дали да се стави катанец на скопската Зоолошка градина или не? Со четири гласа „за“, десет против и осум воздржани, се отфрли иницијативата за мораториум за внесување нови животни во скопската Зоолошка градина, поднесена од „Зелен хуман град“.
Пропадна иницијативата со која според, ЗХГ, ќе се спречи предвремено умирање на животните од секакви состојби. Со овој предлог ЗОО Скопје ќе се претвореше во Рехабилитационен центар, а вработените и понатаму ќе останеа на работните места. Мнозинството во Советот со критика кон иницијативата.
„Зоолошката градина, во последниве три години ги доживува своите најтемни денови и никогаш не се нашла во ситуација да биде ставен катанец на нејзината врата. Животните немаат ниту партиска книшка, ниту политичка партија, ниту име и презиме. Најмалку што треба да правиме е да политизираме со ефтини политички проблеми. Каде бевте овие три години да кажете општо за животните?“ - Стефан Кирков-советник во советник во група на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Град Скопје.
Подносителите на иницијативата велат дека со истата, ќе се добиело статус на првата виртуелна Зоолошка градина, каде што децата ќе можат да се приближат до секое животно, а животните да не страдаат.
„Информациите се достапни јавно, можете да видите колку пати Зелен хуман град, поднесувал барања за да се трансформира Зоолошката и да се внесе мораториум за нови животни. Контрадикторен сте и апсурден во изразувањето, велите животните страдаат во моментов, ама да внесеме нови животни и тие да страдаат. Немате никаква логика во зборувањето, и тоа е сосема нормално кога зборувате од позиција на партија.“ - Драгана Велковска од Зелен хуман град.
Заменик градоначалникот на Град Скопје со став дека Зоолошката градина е онаква какво што е општеството во кое живееме. Посочи дека треба да се отвори темата за финансирање на ЗОО.
„Без разлика кој ќе дојде на оваа говорница и за Зоолошката градина ќе каже дека не треба да се политизира и не треба да ја злоупотребува истиот го прави истото и злоупотребува. Ајде да зборуваме за цената на билетот, за финансиската состојба на ЗОО Скопје, за урбана приказна дека оваа Зоолошка градина им понудила многу убави моменти на многу генерации и Скопјани. Истото го правеше и Луна паркот, ама поради исти вакви расправии не можеме да го направиме веќе 10години.“ - Александар Трајановски заменик градоначалник на Град Скопје.
Советничката група на СДСМ во Советот, посочи дека со гласање за оставките на УО на Зоолошка, всушност се става катанец на ЗОО.
„Со тоа што го изгубивме кандидатскиот статус за ЕАЗА имаме мораториум, а денеска со изгласување на оставките на членовите на УО, сами ќе и ставиме мораториум на Зоолошката градина, затоа што ќе нема орган на управување. Зошто не треба мораториум? Затоа што во ваква форма значи неограничено, ако сакате да ставите одредена мерка и ја нарекувате мораториум треба да дадете рок, една години или пет дена, вака во преносна смисла на зборот значи катанец на ЗОО.“ - Љубица Јанчева советник во советничката група на СДСМ во Советот на Град Скопје.
Минатата недела во ЗОО беше потврден птичји грип кај една од птиците, по што екипите на Агенцијата за храна и ветеринарство влегоа и убија 36 птици. Потоа дел од вработени во зоолошката беа тестирани на птичји грип и ставени под засилени контроли. Изминатиот период угинаа жирафите Каспер и Флопи, јавноста се уште го памети и скандалот со коњите, кои според официјалните обдукциските наоди покажува дека коњите биле отруени со брзоделувачки отров.
Минатата година Зоолошка градина го изгуби статусот, кандидат за членка на Европската асоцијација на зоолошки градини и аквариуми, затоа што последните години не ги исполнила соодветните обврските зададени од ЕАЗА. Зоолошката градина е формирана во 1926 година од страна на тричлена комисија, а во 1965 година го добива денешниот изглед-со решение на Градското собрание.