Советот на Град Скопје ќе ги разгледува извештаите за извршување на буџетот на градот и работата на градските претпријатија
Foto

Советот на Град Скопје ќе ги разгледува извештаите за извршување на буџетот на градот и работата на градските претпријатија

Советот на Град Скопје на својата наредна седница, што ќе се одржи во среда (26 август) ќе расправа за извештајот за извршување на буџетот на Град Скопје за годинава за периодот од 1 јануари до 30 јуни.

Од Град Скопје соопштија дека во првото полугодие од годинава вкупните приходи и други приливи се остварени во износ од 2.106.982.589 денари, што претставува остварување од 27 отсто во однос на планираното за годинава. Споредено со истиот период од 2019 година, остварените приходите во првиот квартал од годинава бележат намалување од 8,4 отсто. Вкупните расходи и други одливи во буџетот на Град Скопје за првото полугодие од годинава, се извршени во износ од 2.474.614.811 денари, што претставува извршување од 31,8 отсто во однос на планираните расходи и одливи за годинава.

Во остварувањето на приходите на Буџетот на Град Скопје во првото полугодие од годинава, како последица од новонастанатата состојба со коронавирусот, како што посочија, има помал прилив на финансии средства во однос на минатите години.

За подмирување на реализираните расходи во периодот, Град Скопје искористи дел од пренесениот вишок на приходи од минататa година во износ од 560.814.638 денари.

Советот на седницата ќе расправа и за полугодишните извештаи за 2020 година за работата на јавните претпријатија кои се во надлежност на Градот Скопје.

Јавното сообраќајно претпријатие – Скопје е едно од претпријатијата чија работа беше најмногу изменета поради пандемијата на Ковид-19, каде имаме намален број на километри поминати и патници. ЈСП-Скопје за првите шест месеци од годинава работи со добивка во износ од 140,9 милиони денари, а ова во најголем број се должи на намалените расходи кои се за 21,7 отсто пониски од тие во истиот период од 2019 година.

ЈП „Паркови и зеленило“ во првите шест месеци од годинава работи со добивка во износ од околу 2,2 милиони денари, каде има приходи од 246,7 милиони денари. а расходи од 244,5 милиони денари. Во овој период екипите на претпријатието имаат подигнато ново зеленило на површина од 25.495, а реконструирано зеленило на површина од 35.027 метри квадратни.

ЈП Комунална хигиена во првата половина од годинава оствари вкупни приходи во износ од околу 604 мил. денари и во однос на истиот период 2019 година бележи намалување за 0,29 отсто. Вкупните расходи изнесуваат 626,6 мил. денари и во однос на истиот период во 2019 година се зголемени за 7,43 отсто. Од аспект на работата на претпријатието, во овој период собрани и транспортирани се 74.578 тон комунален отпад или просечно 410 тони дневно, од ПЕТ центрите собрани се и 5.170 кг. хартија и картонска амбалажа, 1.790 кг. ПЕТ амбалажа и најлон, како и 219.220 кг. стакло. Во овој период екипите на ЈП „Комунална Хигиена“ имаат расчистено вкупно 7.081м3 отфрлен отпад од дивите депонии.

ЈП „Улици и патишта“во првите шест месеци од годинава работи со добивка во износ од околу 9 милиони денари, каде има приходи од околу 182,4 милиони денари а расходи од 173,4 милиони денари. Во овој период екипите на претпријатието имаат извршено асфалтирање на вкупна површина од 41.915 м2, што е за околу 9.500 м2 повеќе во однос на истиот период минатата година. Во овој период поставена е хоризонтална сигнализација на површина од 16.311 м2 (зголемување за 5.825 м2 во однос на истиот период лани). Во овој период поставени се и 233 нови сообраќајни знаци и 10 светлечки знаци, а механизацијата на претпријатието е искористено во расчистувањето на 42.322 м3 диви депонии.

ЈП депонија ДРИСЛА Скопје за периодот од 1 јануари до 30 јуни има остварено приходи во износ од околу околу 139,6 милиони денари и расходи од околу 95,2 милиони. денари, што значи дека е остварена добивка пред оданочување во износ од околу 44,4 милиони. денари. Во овој период на Дрисла се депонирани и обработени се 98.548 тони комунален отпад, 10.841 тони останат вид на отпад, 36,62 тони опасен отпад кој содржи азбест, како и 415.721 килограми медицински отпад.

Покрај полугодишните извештаи за извршувањето на буџетот на Град Скопје за годинава и работата на јавните градски претпријатија, на седницата Советот на Град Скопје ќе расправа и за полугодишните извештаи за работата на јавните културни институции во наша надлежност, за прием и давање на повеќе донации, за одлуката за утврдување на локација за поставување на полнач за електрични возила, плановите за вработување во повеќе јавни претпријатија и културни установи за годинава, промена на дел од ценовниците за јавни услуги, како и за одлуката за давање согласност за формирање паралелки со помал број на ученици во учебната 2020/2021 година во средните училишта на Град Скопје, стои во соопштението.

0 Коментари

Остави коментари