Советодавното тело за судска етика спровело само две постапки за судии

Само двајца судии се обратиле до Советодавното тело за судиска етика - Дали е етички да имаат социјални мрежи и да бидат членови на ротари клуб.

Ниту еден друг судија не се обратил до ова тело, составен дел на Здружението на судии, па прашањето дали има такви кои не се однесуваат етички беше прашање за кое претседателот на здружението, Џемаил Саити немаше конкретен одговор.

Кога судија поротник се повлекува, судењето секогаш почнува од почеток, па судењата може да се одолговлекуваат со години. Според Саити, тука прво се гледа Законот, а дури потоа прашањето за етиката.

Судијата Шпенд Деваја, претседател на Телото за судиска етика вели, има уште многу прашања за кои треба да се даде одговор. Според него, не секогаш може да се донесат точни совети и правила, но повикува - Судиите да се обраќаат до нив.

Судијата Џемаил Саити е дел од врховните судии кои одлучуваа по жалбата на поранешниот претседател на кривичниот суд, Владимир Панчевски, чиј предмет за злоупотреба на АКМИС системот за распределување на предмети кај судии, Врховниот суд го врати на повторно одлучување во Апелација, со што Панчевски сега повторно е неправосилно осуден и на слобода чека нова одлука. Саити стои зад одлуката, донесена поради повреда на процесни правила.

Етичноста на судиите кои се споменуваат во политичка конотација не сакаше да ја коментира – Вели, тој не бил сведок на влијанија, но не ја исклучува можноста дека постои бизнис и политичко влијание врз судиите, кое го карактеризира како релативно.