Совет на јавни обвинители: Нема да дозволиме политичко влијание врз постапките на обвинителите
Советот на јавни обвинители дециден, нема да коментираат одлуки донесени од страна на надлежни обвинителства. Обвинителите се самостојни, а доколку постојат сомнежи за незаконито, нестручно или несовесно постапување на јавен обвинител законот предвидува посебни механизми, ова е ставот на Советот на јавни обвинители откако владејачката ВМРО-ДПМНЕ ја прозваа обвинителката Катерина Коларевиќ и првиот човек на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција Ислам Абази. Ваквите реакции доаѓаат откако обвинителката Катерина Коларевиќ донесе одлука за запирање на постапката на предметот за мазутот за кој на почетокот, минатата година, се тврдеше дека се оштетил државниот буџет од 167 милиони евра. Од Советот велат дека одговорноста на обвинителите се докажува со факти докази, а не врз основа на политички изјави и јавен притисок.
Совет на јавни обвинители
„Советот останува доследен на принципите на владеење на правото, поделба на власта и самостојноста на јавнообвинителската функција, без да дозволи какво било политичко влијание врз постапувањето на јавните обвинители.“
Партиските обвинувања не престануваат откако минатата недела ОЈОГОКК ја запре постапката за мазутот и заклучиле дека нема штета за буџетот, а фирмите на Ратко Капушевски и Асмир Јахоски ја спасиле државата во време на енергетска криза, од рестрикции и недостиг на електерична енергија. Се запре постапката за РКМ и Пуцко петрол, како и за поранешни високи функционери меѓу кои бегалецот и поранешен директор на ЕСМ Васко Ковачевски.
На брифинг со новинарите, минатата недела, обвинителката Катерина Коларевиќ кажа дека од околу 200 докази не се издвоил доказ од кој би се очекувал осудителна пресуда. Истрагата утврдила дека постапките биле спроведувани транспарентно. ЕСМ имало за цел да ги вклучи сите оператори што имале лиценци за трговија со мазут во интерес на побрзо испорачување на мазутот. Не се утврдило ниту дека со склучените договори и анекси била предизвикана штета на АД ЕСМ или на Буџетот на државата. Напротив, од доказите произлегло дека измените на годишниот план за јавни набавки и склучувањето на анексите се спроведени со одлуки на надлежните органи на АД ЕСМ.

