Совет на амбасадори: Успешната организација на состанок на ОБСЕ во Скопје можност за афирмација на државата

Советот на Амбасадори денеска соопшти дека високо ги цени активностите на Владата, МНР, МВР и останатите државни институции, кои што преземаат сѐ со цел успешно одржување на 30-тиот Министерски состанок на ОБСЕ што ќе се одржи во Скопје на 30 ноември и 1 декември 2023 година.

- Улогата и значењето на ОБСЕ е особено истакната во контекст на напрегнатата геополитичка состојба на безбедносен план, предизвикана од воените дејствија во Украина и Израел, и ризикот од нивно прелевање во други држави или региони. Оттука, ОБСЕ и сите членки на организацијата, а особено претседавачот и државата што ќе го наследи, мораат да вложат интензивни напори за ревитализација и зајакнување на ефективноста и ефикасноста на организацијата, и за актуелизација на нејзината улога на спречувач на конфликти или медијатор, олеснувач или помирувач на спротивставените држави, наведуваат од Советот на амбасадори.

Воедно, оценуваат дека можноста за организација на настан од вакви размери што ја има Северна Македонија како актуелен претседавач со ОБСЕ, ќе биде можност за афирмација на државата и нејзините демократски и организациски капацитети.