Состојбата со поплавите најкритична во Кичево и гостиварско во селото Форино

Низ солзи жителите на Кичево раскажуваат за стравот и за уништетните домови после поплавите. Велат се случи се во еден миг,водата навлезе наеднаш и уништи се во собите, едвај спасивме жива глава во 4 часот утрината, а во дел од куќите има вода и по 1,5 метар.

Дел од сега поплавените жители пак по вторпат за еден месец ја преживуваат истата ситуација.  Околу 250 граѓани се евакуирани и се обезбедени со храна и облека. Жителите од населбата" Прилепска "повторно се сместени во спортската сала" Христо Узунов". Бараат помош од властите бидејќи велат во тие куќи услови за живот повеќе нема.

Во меѓувреме службите работат интензивно на терен, се врши испумпување на водата од подрумите на улиците "Прилепска","Први Мај" и" 29 ноември" како и кај домовите покрај реките Треска и Зајашка.Поплавени се и земјоделски површини покрај речните корита во општината.

Вонредна е  состојбата и во  Полошкиот регион.Од ЦУК јавуваат дека како последица од обилните врнежи од дожд во северозападниот регион во Гостивар и Тетово има голем број интервенции поради поплави и свлечишта .Во Тетово е паднат потпорен ѕид врз семејна куќа а евидентирано е свлечиште на патот кон Попова Шапка, на околу 150 метри од жичарата. Одронот претставува ризик за околните станбени објекти.

Големо свлечиште е регистрирано и на патниот правец од с. Џепчиште кон с. Џермо. Патот е непрооден.

Свлечиште е пријавено и на улица „Прохор Пчински“.Во село Вејце пријавено е свлечиште над куќа со веќе постоечки оштетувања од земјотресот. Во Општина Желино пак, реката Вардар се излеала во село Стримница, при што  поплавени се пет куќи. Поради конфигурацијата на теренот, пристапот за интервенција е отежнат.

Во Гостивар реките во селата Лакавица, Беловиште, Мало Турчане и Балиндол се повлечени во своите корита  но градоначалникот апелира на голема претпазливост од страна на службите и граѓаните. 

Од УХМР информираат дека се очекува Вардар и Треска и понатаму да бидат со повисоки водостои, бидејќи се прогнозирани врнежи за дожд и во наредниве денови. Според метеоролозите водостојот во горниот дел од течението на Вардар и Треска ќе остане висок, а се очекува и зголемување на водостојот на река Вардар во средниот дел од течението, заради што останува опасноста од излевање на овие две реки.

Апелираат на внимателно движење покрај реките и суводолиците и предупредуват дека времените мостови на Треска се во опасност заради големите води и нивната брзина.