Состојба во катните гаражи во Скопје: Расипани лифтови со месеци, град Скопје и а.д - ИССДП најавуваат реконструкција
Рампите се креваат, билетите се наплаќаат, а парите редовно се слеваат во касата. Но, зад влезот во дел од катните гаражи, граѓаните велат дека ги пречекуваат нефункционални лифтови, нечистотија и услови недостојни за услуга што секојдневно ја плаќаат.
„Среќа најдов сега место на првиот кат, претходниот пат паркирав на четврти, пешки се качуваш ама тоа е“...
„Треба да се направи да се исчисти, воопшто не е исчистено и лифтовите не работат ние пешки се качуваме“
Во катните гаражи „26 јули“ и „Беко“ лифтовите се надвор од фунцкија веќе подолго време. Со нив стопанисува ЈП „Градски паркинзи“ од каде велат дека фирмата која претходно била ангажирана не ги испочитувала роковите за сервисирање поради што договорот бил раскинат.
Првиот тендер за нова фирма пропаднал поради превисока цена, а во тек е втор обид за избор на сервисер.
Владимир Кроневски – Директор на ЈП Градски паркинзи
„Бидејќи во монентов немаме фирма која ги одржува лифтовите тие не може да бидат во фунцкија според закон. Имаме паралелно и набавка за техничка исправност на лифтовите и во моментот е распишан по втор пат обид за сервисирање на лифтовите така што ги повикувам сите фирми кои се бават со таа проблематика да се јават на нашиот повик и лифтовите ќе ги ставиме во употреба“.
Во катната гаража „Разловечко Востание“ во центарот на Скопје пак, не само што дел од лифтовите не работат туку граѓани се жалат и на нехигиена.
Од Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор под чија надлежност е оваа катна гаража велат дека во тек е сервисирање на лифтовите, а гаражата тврдат дека редовно се чисти, но одржувањето е отежнато бидејќи станува збор за отворен јавен објект.
Акционерско друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор
„Често се соочуваме со присуство на лица кои не се корисници на гаражата и кои зад себе оставаат несоодветни траги и отпад. Свесни сме дека постои потреба од понатамошни подобрувања и веќе разгледуваме дополнителни мерки за заштита на просторот и спречување на негово несоодветно користење. Во однос на лифтовите, од вкупно четирите, два моментално се во функција, додека останатите два се во фаза на сервисирање. Според предвидената динамика, тие ќе бидат повторно ставени во употреба во текот на следниот месец.“
Цените за катните гаражи со кои стопанисува ова акционерско друштво се движат од 3.500 до 4.000 денари месечно, додека паркингот за еден час се наплаќа 60 денари. Паркирањето во катните гаражи на Град Скопје е 30 денари за еден час, а месечната карта е 2.000 денари.

