Состанок на Конституенцата на ММФ и СБ во Скопје
Foto

Состанок на Конституенцата на ММФ и СБ во Скопје

Економските политики и програмите на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светска банка (СБ), како и други клучни економски прашања за европската и светската економија ќе бидат теми на состанокот на Конституенцата на ММФ и Групацијата на СБ во која членува нашата земја, што денеска ќе се одржи во Скопје.

Организатори на состанокот се Министерството за финансии и Народната банка, а ќе учествуваат високите претставници на носителите на фискалната и монетарната политика во земјите-членки на Конституенцата, како и угледни меѓународни експерти. Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев ќе ги поздрави учесниците на форумот, а обраќања ќе имаат  и министерот за финансии Драган Тевдовски, гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска – Бежоска, директорите во ММФ и СБ задолжени за Холандско-белгиската конституенца, Антони де Ланој и Кун Дависе, како и  потпретседателот на Групацијата на СБ за Европа и Централна Азија, Сирил Милер.

Состанокот, како што се наведува, претставува значајна можност да ја потврдиме подготвеноста да бидеме носители на настани што се на високо експертско ниво.

На состанокот на Конституенцата ќе учествуваат и директорот на Одделот за фискални работи во ММФ, Виктор Гашпар, директорот на Одделот на ММФ за Европа, Пол Томсен, потпретседателката на Групацијата на СБ за човечки капитал, Анет Диксон и потпретседателката на ИФЦ за Латинска Америка, Карибите, Европа и Централна Азија Георгина Бејкер, кои се само дел од претставниците на двете меѓународни финансиски институции што доаѓаат во Скопје.

Потврдено е учество на 10 гувернери на централни банки и четврорица министри за финансии, а како главен говорник и учесник на една од панел-дискусиите е истакнатиот професор Луиџи Зингалез од Чикашкиот универзитет.

0 Коментари

Остави коментари