Сопственикот на „Доказ“ се соочи со неколку кривични пријави и можност за притвор
Јавното обвинителство бара притвор за сопственикот на веб сајтот Доказ, Марјан Стаменковски кому на товар му се ставаат пет кривични дела - „Уцена“, „Пиратерија на аудиовизуелно дело“, две дела „Ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“, како и кривичното дело „Злоупотреба на податоци“.
Од обвинителството велат дека притворот се бара поради тоа што се товари за повеќе кривични дела, но и поради можност од бегство.
„Осомничениот се служел со сопствениот интернет портал, знаејќи дека е достапен на неограничен круг лица, како средство за ефективен притисок врз жртвите, притоа предизвикувајќи лавина општествени последици со несогледива штета во форма на религиска омраза и ксенофобични идеи. Дополнителна околност во таа насока е потребата да се заштитат жртвите, кои биле подложени на изразен говор на омраза и закани преку компјутерски систем и преку интернет порталот на осомничениот.“ - велат од ОЈО
Предметот обвинителството го оформило по поднесени кривични пријави против осомничениот од повеќе жртви во текот на 2022 и почетокот на 2023 година, а во врска со објавени содржини на веб порталот во негова сопственост.
Поради делата кои му се ставаат на товар, вчера полицијата изврши претрес во неговиот дом, каде се пронајдени и одземени документација, електронски уреди кои обвинителството ќе ги вештачи, како и поголема сума на парични средства, која според неофицијалните информации изнесува околу 90 илјади евра, а за која постои сомневање дека потекнуваат од други кривични дела.
Според официјалните информации, тој податоците ги добивал од истражителка од обвинителството, чиј ангажман сега веќе е прекинат, а за неа е најавена и постапка од внатрешната контрола. Стамнековски преку вибер комуникација се обидел да добие информации за повеќе истраги, вклучувајќи го и предметот кој обвинителството го оформил против него. Тој без согласност објавил лични податоци и фотографии на четворица истражители во скопското обвинителство, информации кои ги добил од нивната колешка, а ги објавил без дозвола.