Сопругот на исчезнатата Злата Јанкова од Свети Николе најверојатно штрајкот со глад ќе го продолжи пред МВР во Скопје
17 дена штрајк со глад пред полициската станица во Свети Николе. Сопругот на исчезнатата Злата, Дејан Јанков продолжува да штрајкува, со цел, како што вели, да ги пробуди институциите и со надеж дека потрагата за неговата сопруга ќе заврши што побргу со позитивен исход.
Тој нагласува дека нема да се повлече додека не добие конкретни одговори и дека веќе размислува штрајкот со глад да го продолжи пред МВР во Скопје.
Дејан изминатите денови во неколку наврати беше хоспитализиран во болница, но вели дека не се откажува и апелира случајот да се тргне од „мртва точка“, да се ангажираат нови истражители и да се покаже грижа кон граѓаните. Тој во телефонски разговор за 24 кажа и дека во меѓувреме, од полицијата побарале ДНК од неговиот син, со цел споредба со пронајденото тело на жена во фаза на распаѓање, во близина на Зрновска река. Но, засега официјални резултати од истрагата сè уште нема. А, дали и што конкретно се превзема во насока на пронаоѓање на исчезнатата Злата, 24 повторно праша во МВР, од каде ни ги посочија истите одговори како и на почетокот на штрајкот, односно дека Министерството презема низа оперативни мерки за нејзино пронаоѓање.
МВР
- Со поддршка на специјални полициски единици, вршен е преглед на терен, водно и воздушно пребарување и набљудување, како и прибирање на оперативни информации, повикување на лица на службен разговор, а ставени се и лица на полиграфски испитувања. Од страна на единици, ловни друштва и локалното население подолг период пребаруван е теренот во поблиско и подалечно опкружување, но до овој момент не е дојдено до информација или траги во врска со лицето.
Инаку, тогаш 45 годишната Злата Јанкова исчезна среде бел ден од селото Орел, каде со сопругот имале викендичка и се занимавале со земјоделие, откако тргнала кон својот дом во Свети Николе. Нејзиниот сопруг, кој веќе 17 дена штрајкува со глад вели дека постојано се распрашува за текот на истрагата, но одговорот секогаш е ист – дека потрагата продолжува, а нови информации нема.

