Сопругата на градоначалникот на Радовиш избрана за член на Судскиот совет
Данка Ристова, споругата на актуелниот градоначалник на Радовиш кој доаѓа од редовите на ВМРО-ДПМНЕ е избрана за нов член на Судскиот Совет. Таа ги доби гласовите на колегите и е избрана за член на судскиот совет на местото на Лорета Ѓорѓиева на која и истече мандатот.
Од СДСМ реагираат дека станува збор за партизација на Судскиот совет од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Чист обид за поставување на контролирано, партиско судство кое нема да служи на граѓаните, туку на нивните интереси.
- Ова се партиски инсталации во судството како во време на режимот. Истото тоа што го правеше ДПМНЕ порано се прави и сега. Чист обид за поставување на контролирано, партиско судство кое нема да служи на граѓаните, туку на нивните интереси, рече Богданка Кузеска од СДСМ, за изборот на Данка Ристова. - Богданка Кузеска СДСМ.
А од ВМРО-ДПМНЕ, уверуваат дека таа не е партиски послушник како „послушниците на СДС и ДУИ“.
- Градоначалникот на Радовиш, Ацо Ристов, како и сите градоначалници, има јасно дефинирани ингеренции поврзани со локалното управување и решавање на секојдневните проблеми на граѓаните на својата општина. Тврдењата дека тој на кој било начин може да влијае врз институција како Судскиот совет, која е независно тело, се само уште еден доказ за очајот на СДСМ и нивната потреба да фабрикуваат скандали. Данка Ристова е докажан професионалец, кој повеќе од 30 години е во правосудството, и таа е избрана со мнозинство гласови на непосредни избори, каде гласале судиите од Штипското Апелационо подрачје, вклучително и Струмица и околината, одговараат од ВМРО-ДПМНЕ.
Судиите Аритон Ала од Апелацискиот суд Скопје и Данка Ристова од Апелацискиот суд Штип беа избрани за нови членови на Судскиот совет по изборите кои вчера се одвиваа во изборните места во сите судови ширум земјава. Пред новиот избор на нови ченови во судскиот совет во јавноста беше актуелна оставката на Весна Дамева од претседателската функција на Судскиот совет која како една од причините поради кои се повлекува од финкцијата ги наведе и политичкиот притисок врз Судскиот совет од страна на владеачката гарнитура и премиерот.
Претседателката на Советот на јавни обвинители, пак Душица Димитриеска, се изјасни дека нема да го следи примерот на Дамева и не размислува да даде оставка од претседателското место на обвинителскиот совет.