СОНК го стави штрајкот во мирување, од утре учениците се враќаат во училиште
Учениците од утре се враќаат во училишните клупи - штрајкот на СОНК ставен во мирување. Причина за ваквата одлука на синдикатот е добиеното известување од МТСП за мирно решавање на работните спорови.
Во консултација со повеќе правни субјекти, согласно закон СОНК решиле дури трае процесот на помирување помеѓу двете спротивставени страни, штрајкот да прекине. Рокот да се усогласат ставовите помеѓу СОНК и властите е 20 дена, доколку не најдат компромис може повторно да се активира, но првиот човек на СОНК, Јаким Неделков е убеден дека за тоа нема да има потреба.
Неделков е убеден дека платите на вработените во образовниот процес ќе бидат зголемени, дневниците на штрајкувачите ќе бидат зголемени, а дополнително ќе бидат потпишани колективни договори за детска заштита и основно и средно образование.
Од МОН ја поздравија оваа одлука на синдикатот и велат дека се подготвени да ги продолжат преговорите.
- Тргнувајќи од итноста за заштита на јавниот интерес на граѓаните, правото на образование и последиците кои можат да настанат во случај кога овој процес е прекинат, а воедно земајќи ги предвид и барањата на СОНК, Министерството за образование и наука постапи согласно Законот за мирно решавање на работните спорови и во текот на денешниот ден упати барање до Министерството за труд и социјална политика за одредување на помирувач во овој процес. Со оваа одлука, Министерството за образование и наука ја искажува спремноста за продолжување на процесот на преговори со социјалните партнери и изнаоѓање на најдоброто решение за сите во овој случај“. - велат од МОН:
Оттаму додаваат тие како министерство и Владата ќе бидат партнери на синдикалните организации и се отворени за соработка и размена на мислења и ставови за да подобрат условите за просветните работници, а со тоа и да се зголеми квалитетот во образованието.