Сонетот – поетска форма што ги надживува вековите: Промоција на прво научно дело во Македонија

Сонетот во светската и македонската книжевност  е насловот на научната монографија од Елена Пренџова, поетеса, лингвистка и книжевничка, која претставува прво научно дело во земјава посветено на истражувањето на оваа класична поетска форма.

Во изјава за Телевизија 24, авторката посочи дека монографијата го обработува сонетот како книжевен феномен – од неговото настанување и историски развој, до неговото присуство во македонската книжевност и авторите кои го негуваат и развиваат овој поетски израз кај нас.  

Универзитетскиот професор Зоран Анчевски истакна дека станува збор за прв научен труд од ваков вид во Македонија, кој ги опфаќа развојните фази на сонетот како поетска и книжевна форма. Осврнувајќи се на содржината, Анчевски нагласи дека монографијата има потенцијал да се користи и како учебник за изучување на оваа книжевна проблематика.

Претседателката на Друштвото на писателите на Македонија, Гордана Јовиќ-Стојковска, оцени дека делото на Пренџова ќе претставува значаен придонес во мозаикот на македонската книжевност, но и современ патоказ за идните истражувачи кои ќе ја проучуваат оваа поетска форма.

Инаку, сонетот потекнува од Италија, каде што се појавува во 13 век, а за негов основоположник се смета Џакомо да Лентини. Класичната сонетна форма се состои од 14 стиха, распоредени во четири строфи – два катрена и две терцини. Првите две строфи најчесто ја воведуваат темата или поетскиот проблем, додека последните две носат разврска, пресврт или заклучна мисла.