Солидарен данок не платиле 52 обврзници, ќе им бидат блокирани сметките на 24 ноември
Заклучно со денеска се уплатени 2.210.108.927 денари по основ на солидарен данок од страна на 98 даночни обврзници од вкупно 150. Тие што не платиле ќе добијат писмена опомена на 6 ноември, а доколку во меѓувреме не ја исполнат обврската ќе им биде блокирана сметката на 24 ноември.
Директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска денеска во одговор на новинарско прашање информираше дека вкупната уплатена сума е 2.210.108.927 денари. Најнискиот износ што е уплатен по тој основ е 39.342 денари, а највисокиот 257.293.088 денари. Само еден даночен обврзник направил пребивање со поврат на ДДВ во износ од 42.259.181 денар.
-Бидејќи рокот беше до 25 октомври, за сите кои немаат направено плаќање на данокот на солидарност ќе се преземат мерки согласно со Законот за даночна постапка. На 6 ноември веќе ќе ги доставиме опомените, доколку и по тоа немаат направено уплата на 24 ноември, веќе ќе пристапиме кон блокирање на нивните сметки – најави Лукаревска.