Софтверска грешка парализира аеродроми, банки, болници ширум светот
Големи прекини во работата на компјутерските системи ширум светот. Авиокомпании, банки, телекомуникациски компании и медиуми од утрово пријавуваат прекини во работата на системите.
Проблемот настана поради лоша надградба на софтвер на фирмата за сајбер безбедност CrowdStrike, кој пак доведе до пад на оперативниот систем Виндоус на Мајкрософт. Грешката е откриена и веќе се работи на нејзино решавање.
„CrowdStrike активно работи со своите клиенти кои се погодени од дефект откриен во ажурирањето на машините што работат на оперативниот систем Windows. Ова не влијаеше на компјутерите Mac и Linux. Ова не е безбедносен инцидент или сајбер напад. Проблемот е идентификуван, изолиран и издадовме безбедносни насоки.“ - изјави Џорџ Курц директор на CrowdStrike.
Глобалниот пад на компјутерските системи предизвика хаос на аеродромите ширум светот. Повеќе од 1400 летови се откажани а уште неколку илјади се одложени. На скопскиот аеродром пријавени се доцнења на летови, а дел од компаниите ги повикаа патниците да дојдат неколку часа порано на аеродром.
„Како и сите авиокомпании денес, Wizz Air се соочува со екстремни технички предизвици со прекинот на глобалните ИТ системи од трета страна. Патниците на Wizz Air може да доживеат прекини низ мрежата бидејќи услугите на вебстраната и мобилните апликации привремено се недостапни. Затоа, ги советуваме патниците да пристигнат на аеродромот најмалку 3 часа пред закажаното време на поаѓање.“ - велат од Wizz Air.
Утрово проблеми со електронското и мобилното банкарство пријавија и некои од финансиските институции во земјата. Од владата пак велат дека засега, нема пријавено проблем во работата на компјутерските системи во државните институции.
„Во постојана комуникација сме и со министерката за енергетика, но и со другите одговорни лица, не се пријавени до сегашни падови на системите во државните институции. Има некоја информација за приватниот сектор, но мислам дека тоа се изолирани случаи и веќе се надминува.“ - изјави Стефан Андоновски министер за дигитална трансформација.
За само неколку часа откако компаниите почнаа да пријавуваат проблеми со софтверот, вредноста на CrowdStrike на берзите загуби 16 милијарди евра. Ова е најголем проблем со компјутерските системи по 2017 година кога сајбер напад насочен врз постара верзија на оперативниот систем Windows, влијаеше врз работата на преку 300 илјади компјутери во 150 држави ширум светот.