Софија обвинува дека македонската влада сака да го заобиколи европскиот консензус

Македонската влада прави обиди да ја заобиколи преговарачката рамка и да започне повторно преговори. Ова го порача шефицата на бугарската дипломатија Надежда Нејнски, во интервју за бугарската БТА. 

Според Нејнски, официјално Скопје, наместо да го почитува договореното, го губи времето со политички игри кои, според неа - се наменети за македонските граѓани. Негира дека Бугарија постојано ги ескалира своите барања и порача дека позицијата на официјална Софија е диктирана од како што вели - фактот дека преговарачката рамка е европско прашање а не билатерално.

Надежда Нејнски министерка за надворешни работи на Бугарија : Се прават секакви обиди од актуелното раководство на Република Северна Македонија, да бие забиколен тој европски консензус, да се отвори одново досието, да започне ново преговарање. Но, јас не случајно велам, сите тие обиди се насочени кон нивните граѓани, на кои времето им се губи со полтички игри, наместо да се соочат со тоа што е веќе договорено, тоа е „францускиот предлог“ и тој европски консензус, кога ќе буиде исполнет, тогаш Северна Македонија ќе започне преговори.

Во време кога се водат интензивни разговори околу извештајот за Македонија во Европарламентот, а известувачот Вајц поднесе амандман за правниот статус на Протоколот со Бугарија, екс пратеничката и лидерка на ДОМ, Лилјана Поповска во отворено писмо до европарламентарците, ја објасни нејзината уставна иницијатива за поништување на документот потпишан на 17 јули 2022 година во Софија. 

Лилјана Поповска екс пратеничката и лидерка на ДОМ ( отворено писмо до европратениците) : Протоколот го сметаме за блокатор на нашата евроинтеграција, зашто на него се реферира во повеќе документи од македонскиот евроинтегративниот пакет. Тој содржи  такви непринципиелни и небулозни барања, кои е невозможно да ги исполниме, зашто тоа би значело себеукинување како народ и држава со свој идентитет, континуитет и историја.Протоколот прекршува 14 членови од нашиот Закон за склучување, ратификација и извршување на меѓународни договори, 2 члена од нашиот Закон за надворешни работи и 3 члена од нашиот Устав. Меѓу прекршените членови од Уставот е и членот 8 за темелните вредности на уставниот поредок.

Извештајот за Македонија во месец мај ќе се најде на масата пред европските пратеници во Комитетот за надворешна политика АФЕТ. Поднесени се околу 100 амандмани од бугарските европратеници со барања за Европската Комисија во својот годишен извештај за Македонија да вклучи посебен дел за оценка на договорите со Грција и Бугарија, да го следи и оценува напредокот во имплеметацијата на заклучоците и препораките од историската комисија со Бугарија, но и имплементација на уставните измени. Томас Вајц , известувачот за Македонија во ЕП, пак преку амандаманот 108, побара правната служба на Европскиот Совет да оцени дали Протоколот е дел од преговарачката рамка на Македонија со ЕУ.