Софија: Историската комисија без детали

На бугарски терен, втор ден заседава македонско - бугарската историска комисија. Од историчарите, овие два дена во Софија, се очекува да постигнат компромис за улогата и местото на Охридската архиепископија и начинот на кој таа е претставена во учебниците за седмо одделение во Македонија, темата која се отвори во Скопје, во ноември минатата година, а се затвори без договор.

Оваа нова рунда разговори се оддржуваат во атмосфера на тензии меѓу Скопје и Софија, а последните пораки од македонскиот тим беа дека нарушените релации влијаат и на работата на историчарите.

Остри пораки кон Македонија овој период, а бугарските политичари најавуваат и интензивирање на реториката. По вчерашната изјава на бугарскиот претседател Радев, дека Македонија мора да се ослободи од тоталитарното минато - ако сака европска иднина, се огласи и европратеникот Џамбаски .

- Сакаме враќање на ветото бидејќи во Македонија „бугаромразачката“ власт ги напаѓа луѓето со бугарска самосвест. Тоа е спротивно на вредностите на ЕУ, меѓу кои и на правото на национална самоопределба, правото на здружување и правото да се нарекуваш како сакаш. Во Северна Македонија тие права им се одземени на локалните Бугари. - изјави Ангел Џамбаски европратеник.

За подобрување на релациите во следниот период нема оптимизам ниту меѓу експертите. Во пресрет на бугарските избори велат..

- Веројатно овие партии кои што се екстремни за нашето прашање , ќе бидат одлучувачки за коалициите иако дел од партиите кои би можеле да ја освојат власта, би биле порелаксирани, но сигурно ќе има коалиција во која ова прашање нема да биде занемарено. - изјави Симонида Кацарска од ЕПИ.

Минатата 2022год имаше интензивирање на работата на историчарите , како резултат на новиот ентузијазам во билатераните односи меѓу двете земји, по изборот на новата Влада во Софија предводена од Кирил Петков, која блесна брзо на бугарската политичка сцена и исто толку брзо згасна.