Софија го изненади Скопје со национална изјава, дополнение на заклучоците на Брисел

Официјална Софија вметнала национална изјава кон заклучоците на Советот на ЕУ, во која ги повторуваат тврдите ставови на Бугарија, без отстапки.

Високи дипломатски и владини извори за телевизија 24 ја потврдија информацијата и брифираат дека се уште не е јасно дали овој удар доаѓа, механички префрлен од старата бугарска гарнитура или станува збор за чекор на новата влада на Кирил Петков. 

Во изјавата, пресликани се бугарските барања од едностраната бугарска изјава која беше вметната во заклучоците на Советот во март 2020 година и се обвинува Македонија за блокирање на поголемиот дел од одредбите на Договорот за Добрососедство и за дискримација и заплашување на лицата со бугарска самосвест. 

Дополнително, за Бугарија да ја одобри преговарачката рамка, се повторува ставот за македонскиот јазик, со кој бараат во официјалните документи да стои „македонски јазик согласно Уставот на РСМ“. Исто така да се испрати нота до ОН, за краткото име и дека Северна Македонија нема територијални претензии. 

Европскиот совет денеска заседава во Брисел, а за проширувањето, официјално само ќе ги потврди заклучоците кои беа донесени во вторник од страна на министрите на ЕУ. 

По состанокот, лидерите на ЕУ ќе имаат официјална вечера, а бриселски Политико објави дека Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, исто така ќе одвои време за „незавршената работа“ . Според допломатски извори, најверојатно ќе биде отворено и прашањето за спорот Скопје - Софија.

Иако добрата вест е тоа што ЕУ овој пат имаше заклучоци за проширувањето и постигна консензус, а за Унијата тоа значи спас на образот и враќање на самодовербата, лошата вест е што измените на заклучоците во последен момент (во нашиот дел) е несомнено на македонска штета.