Софија го блокира Акцискиот план за малцинствата, Мицкоски се „крсти“во Мерц и Макрон

Бугарија го блокира Акцискиот план за малцинства – без него нема отворање на преговорите со ЕУ, дури и со уставни измени. 

Премиерот Мицкоски денеска изјави дека документот – кој е непходен ( според преговарачката рамка и членот 35 од истата), е готов и усогласен со 26те земји членки на ЕУ, освен со една. Мицкоски изјави дека не знае што конкретно бара Бугарија од документот. 

- Акцискиот план за малцинства е готов. Усогласен со експерт кој што го добивме од страна на Европската Комисија, експерт за човекови права, имаше две јавни расправи, како ниту една држава што го има направено. И неофицијално ова го кажувам – е усогласен со дваесет и шест земји членки, освен со една.  ( Новинар: Тоа е Бугарија, но што конкретно бара? ) - Кога би знаел да ви кажам, ќе дадев одоговор, изјави Мицкоски.  

Адутот за бугарска деблокада и европски гаранции Мицкоски го бара на адресите на Макрон и Мерц. Порача дека оптимизмот му се темели што само тој имал средби во Тиват и со францускиот претседател и германскиот канцелар. 

Не откри детали од билатералките, но очекува интезивирање на разговорите за гаранции од ЕУ. Го повтори ставот дека уставни измени без извесен крај нема да има и изјави дека со Радев се поздравиле само од култура – која според Мицкоски се учи во првите 7 години од животот.  

- Се разбира дека и едниот и другиот покажаа голема заинтересираност, посебно претседателот Макрон. Така што очекувам, во периодот кој што следи, да имаме интензивирање, на разговори на оваа тема. Јас го повторив нашиот став дека ние не бегаме од разговори, ние сме подготвени да разговараме, подготвени сме да бараме решение. Непринципиелно е да се повикувате на почитување на човековите права, така кажа премиерот на Бугарија, а на бирото да ви стојат 14 пресуди од судот за човекови права во Стразбур и да не дозволувате македонската заедница во Бугарија да си регистрира невладина организација. Непринципиелно е да ги гледате луѓето во очи и да не ја говорите вистината, изјави Мицкоски . 

А за првиот опозционер Венко Филипче, пораките од Самитот на ЕУ и Западен Балкан во Тиват се јасни, но политиките на владата се антиевропски. 

- Прашајте го премиерот, какви гаранции тој и неговата влада бараат? После вакви јасни, недвосмислени пораки, луѓето немаат повеќе што да кажат и очигледно е дека оваа влада е антиевропска. Што ќе направат следно? Сега кога очигледно е дека Црна Гора оди напред и Албанија исто така. Што ќе направи владата на Мицкоски сега ? Јасно е дека оваа влада е антиевропска, изјави Филипче. 

Премиерот денеска потврди и дека нон пејперот на Макрон и Мерц кој предвидува механизми со бенефит за земјите кандидатки, важи за земјите кои имаат отворено кластери и поглавја од преговорите со ЕУ.  

Мицкоски сепак смета дека зголемениот број на состаноци во Брисел – кои според предлоготна Париз и Берлин треба да бидат отклучени за кандидатките, ќе донесе бенефит за македонските претставници да имаат повеќе шанси за претставување на македонските позиции меѓу членките.