Собраниска седница за избор на нова влада

Заврши медениот месец - ситуацијата во државата е рамна на клиничка смрт и следува пеколна динамика во работата на новата влада. Вакво експозе имаше мандарот Христијан Мицкоски на дебатата за избор на новата влада.

Најави прочешлување на имотот на судиите и обвинителите. На функционерите во идната влада им порача дека грешки, неморал и потфрлања нема да толерира, а порака испрати и до опозицијата - ќе подаде рака, нема да има политички хајки, но ќе бара одговорност за секој криминал.

- Ситуацијата е рамна на клиничка смрт во повеќе клучни области, девастирана до мера на непрепознатливост каде институциите се доведени до буквална пропаст и нефункционалност и за се ќе биде известена јавноста. Затоа нема да барам никакви сто дена меден месец, туку најавувам фуриозен почеток на проекти и нови инвестиции веднаш, впрочем немавме ниту една секунда изминатиов период. Веќе во вторник најавувам инвестиција од повеќе од 400 милиони евра. - рече Мицкоски.

СДСМ му возврати дека на манипулативен начин ја добил поддршката на граѓаните . Го прашаа дали ќе го употребува новото уставно име или ќе покрене постапка за поништување на Преспанскиот договор.

- Ако ги погледнете Вашите изјави и интервјуа пред изборите, во кои што најавувате дека нема да го користите уставното име или подетално придавката, денеска најавивте дека тоа ќе го направите. - изјави Оливер Спасовски од СДСМ.

- Бугари во Уставот ќе има или ќе нема? И најважното, вашето најголемо ветување! Името ќе го вратите или ќе го изговарате Северна? - изјави Славјанка Петровска одСДСМ.

И Апасиев се надоврза. И порача на новата влада дека го излажала народот и дека треба да вметне „и“ за да биде Република Северина Македонија.

- Еве во три реда на 5 места има Република Северна Македонија. Не знам зошто не го тестиравте спикерот Гаши, бидејки ние го тестиравме 2иполч години спикерот Џафери и прифаќаше Република С. Македонија. Зошто еве сега вие кога сте на власт не го вратите тој преседан. И мислам дека по тоа што му го направивте на народот во предизборието требало и едно И да додадете и Република Северина Македонија да сте пишале. - рече Апасиев.

Во вжештената собраниска дебата Апасиев порача дека Мицкоски и новата влада се глумци, меѓу кои и еден шпион, косовски, за кој не знае дали знае макеоднски јазик и дека работи за косовската влада. Му врати Ријад Шакири од коалицијата ВРЕДИ.

- Мислам дека треба да имаме во предвид тоа што го кажуваме на оваа говорница, затоа што секој од нас си сноси одговорност. Зад нас имаме гласови кои што некој ни ги дал и таквата терминологија - косовски шпиуни и косваризација на собранието мислам дека не доликува на ова тело. - рече Шакири.

Реџепи Зејд, пак, кој ја напушти Алтернатива пред една година и сега е дел од Европскиот Фронт, порача дека граѓаните Албанци референдумски се изјасниле на последните избори. Му возврати Мицевски - порача дека му е драг пријател од времето кога заедно биле во опзоциски тим, но Реџепи ја изиграл волјата на грѓаните со што ја сменил страната.

- За легитимноста тука се Европскиот фронт кој што победи и на претседателските и на парламентарните избори. Но, на ВМРО-ДПМНЕ им треба слуга-партнер кој што ќе ќути, додека ВМРО ја врши својата агенда. - рече Реџепи.

- Вашата опозициска игра дека треба да се бара легитимниот, во албанската опозициска или албанскиот кампус не држи, затоа што, затоа што 2017та и 2020та година ВМРО ДПМНЕ беше најлегитимниот политички субјект, меѓутоа се најде, таму кај што се најде поради одредени политички игри.Тие игри ви се удрија од глава и се наоѓаме таму кај што се наоѓаме. - рече Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ.

Дебатата продолжува. Согласно собранискиот Деловник, седницата за избор на влада трае најмногу два дена. Гласањето за избор на новиот владин состав се врши по завршување на претресот, најдоцна до утре на полноќ.