Собраниска расправа: Власта и опозицијата со различна диоптрија ја гледаат европската блокада

Клучно е да се исполнат препораките и да се направат реформи во клучни области во Македонија, посочи амбасадорот на ЕУ во Македонија, Михалис Рокас на собраниската седница на Националниот совет за евроинтеграции и Комисијата за европски прашања, на која се разгледуваше последниот извештај на Европската комисија за земјава.

Меѓудругото Рокас потенцираше дека независното судство и борбата против корупцијата е на загрижувачко ниво. 

Михалис Рокас-амбасадор на ЕУ во Македонија

„Најмногу загрижува областа, владеење на правото, нема никаков прогрес во функционирањето на судството. Никаков прогрес во борбата против корупцијата. Вкупната независност и финансиската независност на судството е поткопена од мешањето на други државни гранки.“  

Претседателката на државава, Гордана Сиљановска-Дафкова кажа дека овој извештај како и претходните не говори само за евалуираниот, туку говори и за евалуаторот. 

 Гордана Сиљановска-Дафкова-претседателка на РСМ 

„Најчесто ние ја губевме енергијата на други прашања. Рековте судството ни е нереформирано, имаме проблеми со корупцијата и криминалот. Но, зошто не е истакнато дека за првпат пред веницијанската комисија се најде еден голем пакет на закони од областа на судството, меѓу кои и законот за Јавно обвинителство. Тоа е нешто што треба да се потенцира.“ 

Претседателот на Комисијата за европски прашања, Антонијо Милошоски посочи како политичка партија која ја добиле довербата од народот целта им било и споведување на реформи во судството, додека пак, претседателот на Националниот совет за евроинтеграции, Венко Филипче потенцираше дека ова е еден од најлошите извештаи од ЕК за државава.

Антонијо Милошоски-претседател на Комисија за европски прашања

„Имавме една замисла за структурно методолошко и кадровско обновување на Судскиот совет, но потоа веднаш имавме реакции и од домашните и од меѓународни актери дека не треба да се прави таков радикален потег. Ние ги послушавме тие забелешки, не го направивме тој радикален потег.“          

Венко Филипче-претседател на Националент совет за евроинтеграции 

„Сега трендовите не се поразлични, Владата се обидува да ги покрие и да врши влијание на сите независни институции кои се надвор од извршаната власт. Најмногу, најсилно, најексплицитно на судската власт, јавен и јасен притисок што за првпат предизвика од '91 година јасна реакција.“          

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, нагласи дека независноста и ефикасноста на судството, капацитетите и функционирањето на АКМИС системот и борбата против корупцијата на високо ниво останува значајно осетливо прашање кое не треба да се пролонгира понатаму.