Собранието втор ден разгледува амандмани на ребалансот на буџетот
Собраниската комисија за финансирање и буџет денеска ја продолжи расправата по поднесените амандмани на предлог-ребалансот на буџетот. Разгледани се седум амадмани поднесени од ДУИ, СДСМ и Левицата.
Со амандманите се бараа средства за граничниот премин Блато, за реновирање објекти за припадниците на полицијата, како и средства за поддршка на инвестиции во индустријата и средства за поддршка за мали и средни претпријатија.
Со еден амандман од Левицата се бараа средства за почнување со работа на конзулат во Корча, но заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски, одбивајќи го амандманот, појасни дека има предвидено средства за оваа намена, но дека првин мора да завршат административно-процедуралните работи за канцеларијата во Корча.
Со амандман се бараа и 10 милиони евра за гасификација на ТЕЦ „Неготино“, но и овој амандман беше одбиен со образложение дека за да се поврзе ТЕЦ „Неготино“ на гас, првин мора да се заврши интерконеторот кон Грција, кој, според процените, треба да биде завршен до крајот на годината. - Има средства за гасната инфраструктура во ребалансот - рече заменик-министерот Јанкуловски.
Во моментот Комисијата е на кратка пауза по која се очекува да продолжи разгледувањето на амандманите.
Амандманската расправа за ребалансот на буџетот почна вчера попладне кога беа разгледани десетина амандмани. На предлог-ребалансот поднесени се вкупно 224 амандмани.

