Собранието ќе го утврдува бројот на потпретседатели, можно е и констатирање оставки на идните министри
Foto

Собранието ќе го утврдува бројот на потпретседатели, можно е и констатирање оставки на идните министри

Собранието на Република Северна Македонија денеска ќе ја одржи втората седница на која на дневен ред е Предлог-одлуката за утврдување на бројот на потпретседатели. Пред седницата се очекува да биде констатирана и оставката на пратеникот Фљорин Бесими, брат на предлогот за министер за финансии Фатмир Бесими од ДУИ, а можно е до пред почетокот на седницата оставки да пристигнат и од други пратеници за кои е најавено дека ќе бидат дел од новата Влада на мандатарот Зоран Заев.

Претседателот на Собранието Талат Џафери предлага законодавниот дом да има петмина потпретседатели. Во образложението на предлогот, Џафери повикувајќи се на Деловникот и на Законот за Собрание наведува дека „бројот на потпретседателите го утврдува Собранието, по предлог на претседателот на Собранието. Потпретседателите се избираат од редот на пратениците кои припаѓаат на различни политички партии застапени во Собранието“.

Потпретседатели на Собранието се очекува да имаат СДСМ, опозициските ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса за Албанците и Алтернатива… Засега се уште официјално не се соопштуваат информации која парламентарна партија ќе добие потпретседателско место во Собранието. На денешната седница, пратениците само ќе гласаат за Предлог-одлуката, а потпретседатели на Собранието ќе бидат избрани на друга седница.

Во Собранието е пристигната и оставката од пратеничкото место на Фљорин Бесими, брат на Фатмир Бесими за кој ДУИ соопшти дека ќе биде предложен за министер за финансии. Тој уште пред неколку дена преку соопштение најави повлекување од пратеничката функција, по реакцијата на Антикорупциската комисија.

Според информации од Собранието, можно е денеска до пред почетокот на седницата закажана за 11 часот, да пристигнат и други оставки од пратеници кои мандатарот Заев најави дека ќе ги предложи за составот на новата Влада. Покрај мандатарот Заев, тоа се Радмила Шекеринска, Никола Димитров, Мила Царовска, Љупчо Николовски, Оливер Спасовски, Јагода Шахпаска од СДСМ и Насер Нуредини од ДУИ.

Според членот 57 од Деловникот, Собранието без претрес констатира дека на пратеникот му престанал мандатот на денот на одржувањето на седницата. Собранието потоа ја информира Државната изборна комисија, која пак треба да го информира Парламентот кој е следниот на листата што го прифатил пратеничкиот мандат и потоа тој да биде верификуван.

Лидерот на СДСМ Заев вчера најави дека ќе го поднесе предлогот за состав на нова влада во Собранието откако пратениците кои треба да бидат министри ќе поднесат оставки, ќе бидат верифицирани мандатите на тие што ќе ги заменат и ќе биде донесена одлука за бројот на потпретседатели на Парламентот.

-Прво Парламентот мора да го утврди бројот на потпретседателите и уште некои други одлуки, а исто така, треба да го верифицира мандатот на следните пратеници кои доаѓаат од листите. Штом заврши Собранието со сите овие претходни постапки, веднаш ќе го доставам предлогот за влада и владината програма до Парламентот, рече Заев.

Досегашниот министер за информатичко општество и јавна администрација и потпретседател на СДСМ Дамјан Манчевски, верува дека денеска или утре ќе биде поднесен предлогот за влада и брзо ќе биде изгласана новата влада, така што најдоцна следната недела ќе имаме функционална извршна власт.

Во однос на изборот на собраниските комисии и тела, Манчевски, рече дека очекува веќе на следната собраниска седница тие работи да бидат завршени.

– Можеме да кажеме дека во септември ќе имаме целосно функционален систем, и од извршна и од законодавна власт и таму ќе се соочуваме со предизвикот за онлајн работење, онлајн одлучување, дигитализација и слично. Во Собранието веќе работат на платформа на која и пратениците ќе може да работат и одлучуваат и од дома или од нивните канцеларии, што исто така е голем предизвик. Работат службите на ова и верувам не подоцна од крајот на септември ќе биде и тоа овозможено, изјави Манчевски.

Новата Влада што ќе предводи лидерот на СДСМ Зоран Заев ќе има 19 министри, наместо досегашните 26.

СДСМ ќе има 11 министри, од кои осум со ресор и тројца вицепремиери кои ќе бидат предложени како министри без ресор со одредена надлежност.

Покрај Заев како премиер, членови на Вадата ќе бидат и Љупчо Николовски како вицепремиер за борба против корупцијата, Фатмир Битиќи – вицепремиер за економија, Никола Димитров – вицепремиер за европски прашања, Оливер Спасовски – министер за внатрешни работи, Радмила Шекеринска – министерка за одбрана, Бојан Маричиќ – министер за правда, Благој Бочварски – министер за транспорт и врски, Венко Филипче – министер за здравство, Мила Царовска – министерка за образование и наука, Јахода Шахпаска – министерка за труд и социјална политика и Ирена Стефоска – министерка за култура.

Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе го води Аријанит Хоџа од Беса, предизборниот коалициски партнер на СДСМ, а Горан Милевски од ЛДП ќе биде министер за локална самоуправа и во новата Влада.

ДУИ во Владата ќе има шест члена. Артан Груби ќе биде прв вицепремиер и министер за политички систем, Бујар Османи – министер за надворешни работи, Фатмир Бесими – министер за финансии, Крешник Бектеши останува министер за економија, а Насер Нуредини министер за животна средина. Министер за информатичко општество и администрација, како што објавија од ДУИ ќе биде Јетон Шаќири. 

Владината коалиција што ќе ја сочинуваат  СДСМ и другите партии од коалицијата „Можеме“, ДУИ и ДПА, и во Собраните има парламентарно мнозинство од 62 пратеника.

0 Коментари

Остави коментари