Собранието и изгласа доверба на владата
Foto

Собранието и изгласа доверба на владата

Владата на Заев доби доверба од сите 62 пратеника колку што и брои вкупното парламентарно мнозинство предводено од СДСМ, само два часа откако претходно тоа од пратенциите усно го побара самиот Заев.

Гласањето за доверба беше без претходна расправа, бидејќи премиерот се повика на член од деловникот кој предвидува пратениците да се изјаснат без да се расправа. 

Со оглед на тоа што опозицијата го напушти парламентот – гласањето помина без против или воздржани, а Заев доби и аплауз од присутните пратеници. 

Пред гласањето Премиерот истакна дека одлучил да побара галасање доверба за да се разјасни дали станува збор за стабилна власт или разнишана опозиција. 

Пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ пак кои секојдневно бараат оставка од Владата, на денешното гласање на доверба, се повлекоа од парламентот. Образложението на опозицијата беше дека пред гласањето на доверба, требало да има претходна расправа, па одлучија воопшто да не гласаат. 

Заев пак рече дека е изненаден што ВМРО-ДПМНЕ пропуштило шанса да ја сруши власта, со оглед на тоа што опозицијата долго време го најавувала тоа. Тој ја обвини опозицијата за блокади и опструкции на државата и за создавање несигурност кај граѓаните. 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ пак Христијан Мицкоски, кој е во изолација поради КОВИД, на фејсбук напиша дека Премиерот на сила протуркал гласање на доверба во Собранието, ограничувајќи ја јавната дебата.

„Тоа што ја користи состојбата на мојата изолација поради заразата со ковид вирусот, сакам да знаете дека не го спасува од паѓање на Владата. Вака ќе купи уште некој ден живот на Владата приклучена на апарати за дишење, но исто како и мојата ковид зараза тие денови ќе поминат. А тогаш повторно ќе се постави прашањето за доверба на Владата, при што сите негови актуелни закани, уценувања и притисоци врз пратеници ќе паднат во вода, и ден потоа Заев нема да биде премиер.“ - напиша Мицкоски.

Одлуката за изгласување недоверба на Владата, според Утсваот и собранискиот деловник, се донесува со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Ако на Владата и е изгласана недоверба, должна е да поднесе оставка.

Доколку пак добие поддршка во Собранието, повторно прашање за доверба на Владата не може да се постави пред истекот на 90 дена од последното гласање за доверба, освен ако прашањето за доверба го постави мнозинството од вкупниот број пратеници.

0 Коментари

Остави коментари