Собранието го пропушти рокот да ги коригира спорните измени на КЗ, Костадиновски ќе му пише на Гаши

Место да донесе одлука, Уставниот суд ќе чека одговор од спикерот Африм Гаши дали и кога Собранието планира да ги направи измените на Кривичниот законик, односно дали ќе донесе нов, со кој ќе се сменат одредбите, по кои случаите за висока корупција застаруваат.

И покрај тоа што пред шест месеци уставните судии беа децидни дека ако до август Собранието не донесе нов или го промени сегашниот, тие ќе изгласаат укинување или поништување на постоечкиот кривичен законик, сега претседателот на Судот Дарко Костадиновски, писмено ќе му се обрати на Гаши, за да добие информација зошто рокот не е испочитуван и дали законодавците планираат интервенција.

Телоп:

Претседателот на Уставниот суд, д-р Дарко Костадиновски е во комуникација со претседателот на Собранието Африм Гаши и писмено ќе се обрати до Собранието за да добие официјална информација во врска со определениот рок од 6 месеци и насоките за усогласување на законот, дадени од Уставниот суд. Врз основа на одговорот од Собранието, Судот ќе ги преземе понатамошните чекори за постапување во овој предмет.

Постапката за уставност беше поведена лани пред нова година. Оспорените измени во Кривичниот законик, донесени во времето на експремиерот Димитар Ковачевски со поддршка и од тогашната опозиција ВМРО ДПМНЕ, им овозможија амнестија на обвинетите од предметите на поранешното СЈО, меѓу кои, од кривичен прогон куртули и екс премиерот Никола Груевски. Уставниот суд тогаш оцени дека законот е сомнителен и по суштинскиот и по формалниот аспект и дека со него се нарушува еднаквоста на граѓаните и се поткопува владеењето на правото. Дополнителен проблем беше и постапката на донесување со европско знаменце, без оправдана деловничка причина.

- Неспорно е дека Собранието има надлежност за нормирање на општествени односи, но во овој случај Судот се сомнева дека Законодавецот не водел сметка за уставно-правната реалност и последиците кои ќе настанат по донесувањето на овие законски измени, а се во насока на предизвикување на нееднаквост во казнената политика за сите граѓани.

Во февруари судиите беа децидни: ако Собранието не реагира, тие ќе гласаат укинување или поништување на спорните одредби. Но наместо тоа, Судот ја продолжува процедурата и остава простор за ново одолговлекување. На потег е Собранието, од кое се очекува информација за тоа што планира со спорниот кривичен законик.