Собранието го донесе новиот Деловник за работа, ќе се применува од следниот парламентарен состав
Собранието во рамки на 131. седница вечерва со 83 гласа „за“ и двајца „против“ го донесe новиот Деловник за работа на Парламентот, што ќе се применува од наредниот собраниски мандат.
За новиот Деловник гласаа пратениците од владејачкото мнозинство предводено од СДСМ, пратениците на ДУИ, на ВМРО-ДПМНЕ, на АА и сите други, освен двајцата пратеници на Левица.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери потоа рече дека на денешната седница е направена материјална штета и е онеспособен системот за работа во пленарната сала.
„Седниците на Собранието до отстранување на штетите ќе се одвиваат во салата Купола“, рече Џафери.
Изгласаниот Деловник ќе се применува од следниот парламентарен состав, што значи дека актуелните пратеници ќе се раководат со сега веќе стариот Деловник. Новиот Деловник е резултат на неколкугодишни разговори меѓу пратениците од овој и минатиот парламентарен состав во рамки на „Жан Моне“ процесот.