Собранието ги разреши директорите на Агенцијата за администрација и на Агенцијата за квалитет во високото образование
Собранието попладнево во рамки на 34. седница ја донесе Одлуката за разрешување на директорот на Агенцијата за администрација Спасе Глигоров и на неговиот заменик Агрон Сефери. Донесена беше и Одлуката за разрешување на директорот на Агенцијата за квалитет во високото образование Расим Зуфери.
Пред изгласувањето на одлуките имаше куса расправа.
Талат Џафери и Блерим Беџети од ДУИ побараа да биде повлечена од дневен ред точката за разрешување на Глигоров и Сефери. Обвинија дека со ваквиот начин на разрешување, без образложение, како што нагласија, власта врши партизација на администрацијата.