Со закон за амнестија ќе се прекинат казните за граѓаните кои не можат да си ги платат
Пратениците размислуваат дали да донесат Закон за амнестија со кој би се прекинале казните за граѓаните кои не можат да си ги платат глобите за шетање за време на пандемијата, кога на сила беше забраната за движење.
Пратениците од власта за ТВ24 брифираат дека целата процедура е се уште на ниво на разговори, откако до нив стигнало барање од повеќе граѓани да се донесе амнестија, бидејќи не можат да си ги платат казните.
Но, за да се донесе предлог закон, велат имаат потреба од пошироки консултации, кои не исклучуваат разговори и со пратениците од опозицијата, а со се со цел олеснување за оние кои не си ги платиле казните. Се уште нема информации што ќе биде со граѓаните кои веќе си ги платија глобите или пак оние чии казни се заменија со затворски откако не ги платија глобите – над 200 кои досега имаат добиено упатен акт за издржување на затворска казна.
Министерството за правда пак, нема информации што се би било опфатено со овој закон – велат се работи за нешто што го размислуваат пратениците, па со тоа и не се информирани за детали за тоа што ќе се случува со оние кои платиле и оние кои издржуваат затворски казни поради тоа што шетале за време на полицискиот час.
Парични казни за време на пандемијата, низ цела Македонија, имаат добиено над 6000 граѓани, а кои полицијата ги забележа дека ја прекршуваат забраната за движење, со која имаше за цел да се спречи ширењето на коронавирусот.
Сега треба да се одлучи дали со амнестијата, овие граѓани ќе добијат целосно бришење на казните или пак истите ќе станат условни, без да се плаќа глобата предвидена за тоа, но и без да се оди во затвор доколку истата не се плати.