Со трката за Големата награда на Абу Даби се затвора сезоната 2020 на Формула 1
Foto

Со трката за Големата награда на Абу Даби се затвора сезоната 2020 на Формула 1

„Се тркаме како еден“ е мотото на Формула 1 оваа сезона. Со трката за Големата награда на Абу Даби се затвора сезоната 2020 во која последните три трки донесоа и неочекувани пресврти, но и многу инциденти. Оваа година беа планирани 22 етапи, меѓутоа, поради кризата предизвикана од пандемијата, календарот се намали на 17 Гран при.

Иако се врати на патеката, откако се справи со коронавирусот Луис Хамилтон заврши трет на вчерашните квалификации. Актуелниот светски првак од третата позиција ќе стартува на патеката „Јас Марина“, пред него ќе бидат тимскиот колега Ботас, кој заврши втор во вчерашните квалификации, додека на чело ќе биде Макс Ферстапен од Ред бул. Иако Хамилтон се надева дека со 12-тата победа за оваа година ќе ја затвори сезоната, ништо не е конечно.

Патеката во Бахреин како да беше малерозна сезонава, по инцидентите со Ромен Грожан чиј болид, удирајќи во заштитната ограда се преполови и запали, но за среќа Грожан успеа да излезе и помина само со изгореници на рацете.

Превртувањето на болидот на Ленс Строл следеше по неколку минути, а Данил Квјат кумуваше на двата инциденти со што заработи и казна. Потоа и моторот на Серио Перез ја имаше истата судбина, а на вториот тренинг пред вчерашните квалификации, во пламен заврши и моторот на Кими Раиконен. „Огнените топки“ зачестија последните два месеци. Возачот на Ферари, Шарл Леклер не ја заврши трката од шампионатот за Големата награда на Италија. Леклер во 25. круг излета од патеката и се заби во заштитната ограда.

Не само заради пандемијата, која донесе и неколку позитивни случаи во Формула, оваа сезона беше доведена во прашање, туку и поради неочекуваните моменти како победата на Перез во Сахир, дебито на Расел на местото на Хамилтон, двете катастрофални грешки на Мерцедес што скапо ги чинеа Ботас и Расел.

Годинава Пјер Гасли и Серио Перез конечно се искачија за првпат на победничкото место. Гасли на патеката „Монца“, а Перез во Сахир. Перез беше првиот кој заболе од коронавирусот и ја пропушти трката на „Силверстоун“ во Британија, а потоа заболе и Хамилтон.

Хамилтон влезе во историјата на Формула 1. Со 92. победа во Португалија, го сруши рекордот на Михаел Шумахер. Трката во Турција се одржа без публика. На самиот почеток на пандемијата се откажаа и трките во Холандија, Азербејџан, Австралија, Кина, САД, Мексико, Бразил и Канада. Иако на почетокот се размислуваше за виртуелни трки, сепак возбудата на патеката беше поголема, па официјално Формула 1 стартуваше на 5 јули во Австрија.

Следната година, сезоната на Формула 1 започнува во Австралија, на 21 март, а ќе заврши на 5 декември во Абу Даби. 

Формула 1 објави дека ќе се одржат 23 трки во 2021 година. Ова е највисоката бројка во историјата на шампионатот, како што претходно беше соопштено, Виетнам ќе го загуби своето место на календарот, додека Големата награда на Бразил сè уште не е потврдена. Големата награда на Бразил треба да се одржи во „Интерлагос“, но договорот сè уште не е склучен.

0 Коментари

Остави коментари