„Со секој чекор ќе притискам за скоковите од карпи да стигнат на Олимписките игри“
Foto

„Со секој чекор ќе притискам за скоковите од карпи да стигнат на Олимписките игри“

Живата легенда на скоковите од карпи, Колумбиецот Орландо Дуке, реши да стави крај на живописната кариера, но има големи планови за иднината.

Човекот кој за многумина е олицетворение на скоковите од карпи, се збогува од натпреварувањето во финалето од сезоната 2019 на светската серија Red Bull Cliff Diving во Билбао, Шпанија, одржанои во септември. По 20 години во игра, и учество во обликувањето на оваа воодушевувачка дисциплина, трансформирајќи ја од скокање од вртоглави височини, во високо признаен спорт каде што се постигнуваат рекорди со совршени нуркања, како и освојување светски титули и други неприкосновени постигнувања, сега Орландо Дуке ја напушта сцената поставена на 27-метарска височина, но не без да го предаде понатаму своето искуство, а воедно со големи планови за себе, како и за спортот.

„Скоковите од карпи се моја професија, повик кој ќе биде во центарот на мојот живот и по завршувањето на мојата активна кариера. Еднаш ја прекинав мојата универзитетска кариера заради нуркањето, но преминав преку тоа. Тоа покажува колку ми е важен овој спорт, и од емотивен аспект. Нема никогаш да му избегам од раце“, објаснува 45-годишниот Дуке.

Она што звучи како емотивна изјава за крај на кариерата всушност е многу повеќе од тоа. Тоа е обврска, верување за иднината и гаранција дека овој човек ќе си го почитува зборот.

Од денот кога ја напушти мајка си и родната Колумбија во потрага по подобар живот, пред повеќе од 20 години, светски познатиот спортист со препознатливата фризура со „коњско опавче“, го пропатува светот како амбасадор на скоковите од карпи, нуркаше од најголемиот водопад на светот, пред Статуата на слободата, но и од санта мраз на Антарктикот. Во кариера за која не ни сонувал дека ќе му се случи, тој ги доби сите „десетки“ од судиите за неговите беспрекорни нуркачки перформанси, го освои првиот медал на светско првенство за спорт на вода за својата татковина, како и 13 светски титули меѓу 1999 и 2019 година.

Икона. Легенда. Предводник. Во последните 20 години „Војводата“ има заслужено многу титули и имиња. Не само поради неговиот уникатен успех во спортот, но и поради неговиот стил со кој ги надминуваше повредите и назадувањата кои беа закана за неговата на кариера. Момчето кое секогаш одело по прав пат во градот Кали, обременет од трговијата со дрога во 80-тите години, никогаш не излезе од колосек во својата спортска кариера и претставува моќно влијание и инспирација за цела генерација на скокачи од карпи.

„Тој одигра многу позитивна улога во овој спорт. Во основа, тој го создаде овој спорт,“ вели доминантната женска натпреварувачка од Австралија, Ријана Ифланд, која веќе со нетрпение ја очекува заедничката авантура на скокови од карпи заедно со легендата Дуке кон крајот на годинава.

„Јас сум во неговата сенка и секогаш ќе бидам таму, зашто тој беше тука од самиот почеток“, признава осумкратниот светски шампион, Гери Хант од Велика Британија, кој се натпреварувал покрај легендарниот Колумбиец во повеќе од 80 настани.

Но, 45-годишниот спортист нема да ја напушти сцената од 27 метри без да го предаде понатаму своето наследство: неговата штитеничка, 19-годишната Марија Паула Кинтеро, ќе ја претставува Колумбија во светската серија Red Bull Cliff Diving во 2020 година, откако си обезбеди место меѓу најдобрите во постојаната серија. Тој исто така има лични планови за времето после неговиот последен скок:

„Нема да се откажам од мојот спорт само затоа што се повлекувам од активното натпреварување. Скоковите од карпи имаат многу различни аспекти кои ги запоставив во последните неколку години. Авантуристичкиот дел. Патувањата. Новите откритија. Се надевам дека конечно ќе имам време за нив“.

Покрај авантуристичкиот пристап кон скоковите од карпи, Дуке има јасна цел за иднината на неговиот одбран спорт. 

„Јас сум во комисијата на спортисти во меѓународната федерација ФИНА, во комисијата за скокови од карпи сум, па со секој чекор ќе притискам за овој спорт да стане дел од Олимписките игри,“ открива Колубиецот, кој се квалификуваше за ОИ во 1992 година, но никогаш не успеа да ја претставува својата земја поради пропусти на националната федерација. 

„Мислам дека тоа не е само моја цел, туку дека сите нуркачи се стремат кон тоа, секој е многу попрофесионален во однос на достигнување на таа цел“.

Покрај неговата работа во интернационалната федерација за спортовите во вода, Орландо Дуке ќе продолжи да ја обликува и води светската серија Red Bull Cliff Diving.

0 Коментари

Остави коментари