Со пушки во раце деца во воени униформи на УЧК имале училишна приредба

 

Поведување постапка против раководството и наставниците во ОУ „7 март“ во Челопек  најави министерката за образование Весна Јаневска за организирање на училишна приредба на која ученици биле  облечени во униформи со амблеми на УЧК.

-Длабоко сум разочарана и вознемирена од одлуката на раководството и наставниците во ОУ „7 март“ во Челопек да организираат, но и од одобрувањето на родителите на учениците, нивните деца да учествуваат во училишна приредба на која облечени во униформи со амблеми на неформални воени групации од минатото, парадираат со пушки во рацете.  Ваквиот чин не само што педагошки е неисправен, туку е и нечовечен, неетички, неморален и законски казнив. Најавувам дека ќе поведеме соодветна постапка против училиштето. Добивам и информации дека слични активности имало и во други две училишта. И таму ќе постапат инспектори, ја уверувам македонската јавност, вели Јаневска.  

Таа апелира до сите останати училишта да се оградуваат од вакви активности, да промовираат вистински човечки вредности и да се заложат да градат генерации опремени со знаење, а не со оружје.