Со пристап до интернет 98,6 проценти од домаќинствата
Пристап до интернет во домаќинствата имаат 98,6 проценти од анкетираните во Испитувањето на јавното мислење на резиденцијалните корисници во однос на пазарот на електронски комуникации во државава, што го спроведе Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) во периодот од 26 јуни до 18 јули годинава.
Според технологијата за пристап до интернет во домот, оптички интернет користат 33,6 проценти, кабелски 31,5 проценти, ADSL\VDSL (21,8 проценти), 3G/4G (10 проценти), интернет преку USB 0,3 проценти, а безжичен интернет (WiMax, Canopy, WiFi), 0,2 проценти.
На прашањето дали вие лично користите интернет, потврден одговор дале 99,6 проценти од испитаниците.
Најголемиот дел, 37,9 проценти, рекле дека интернет користат три до пет часа, 18,2 проценти користат шест до осум часа, 14 проценти од девет до 12 часа, а 14,5 проценти повеќе од 12 часа.
Во однос на тоа каде најчесто користат интернет, 42,7 проценти одговориле „Дома“, 42 проценти „Секаде, бидејќи имам мобилен интернет“, 14,6 проценти „На работа“, а по 0,2 проценти од испитаниците дале одговори: на факултет, училиште, кај пријатели и во интернет кафе по 0,2 проценти.