Со офф-програма во Битола почнува 11. Виолин фест
Со офф-програма во Битола вечер почнува фестивалот 11. Виолин фест, додека главниот концерт ќе се одржи утре во Камерната сала на Македонската филхармонија во Скопје.
Во Битола утре ќе се одржи и Јавен час, како и презентација на фестивалот во Музичкото училиште, додека за 12 мај, в недела, е закажан концерт во Офицерскиот дом со настапи на млади виолинисти од музичките училишта од Битола, Прилеп и Охрид.
Како што наведува Македонската филхармонија, фестивалот е основан од виолинистот Владимир Костов, чии први музички чекори исто така водат од Битола.
- Од училишните клупи до големите сцени неговата инспиративна приказна станува и приказна на сите оние што го препознаваат Виолин фест како простор каде младите таленти добиваат глас, шанса и публика која слуша со отворено срце, информираат од Филхармонија.
Според Костов, оваа година фестивалот не е само уште едно издание.
- Фестивалот е посветеноста на виолината како инструмент, од скромност до страст, од Битола до Скопје, па и светот, од првата нота до аплаузот што значи продолжи, истакнува Костов.
Влезот за сите настани е бесплатен, а проектот е поддржан од Министерство за култура.