Со нов тендер ќе се решаваат аномалиите на автопатот Миладиновци–Штип, мештаните на протест
Foto

Со нов тендер ќе се решаваат аномалиите на автопатот Миладиновци–Штип, мештаните на протест

Пет години, две влади, стотици милиони евра и низа нелогичности. Автопатот Миладиновци – Свети Николе – Штип, уште официјално не пуштен во употреба, веќе ги покажува своите аномалии. Слепи пролази, нерегулирани локални патишта и сливници...Дел од мештаните каде минува автопатот,  денеска излегоа и на протест, бидејќи велат, на нивното село му се заканува пропаст. 

„Од Миладиновци до Свети Николе најпогодена од приватен имот е Сушица. Од селото пола поле е загрозено скрос и сме исклучени. Локалните патишта ни се отсечени откако е почнат автопатот“ - вели Ратко Стефоски од село Сушица. 

Од едната страна на автопатот се наоѓа населениот дел од Сушица, а од другата жителите имаат ниви, полиња, викендици. За да стигнат од едната до другата страна, засега имаат само еден пролаз, но засега сите сливници се усмерени токму во овој премин и продолжуваат кон селото.

Тоа е исто како да градите куќа и во дневната соба да си го поставите тоалетот, сликовито објаснуваат мештаните. Стравуваат дека водата ќе им ги уништи посевите и стариот селски пат кој постои тука уште од турско време, а дополнително велат, загрозено им е едниственото место од каде црпат питка вода.

„Никој ништо ни не повикаа ни не прашаа, ќе видите ене водата не е долу во дол, директно оди во селото по пат, ќе загрози куќи ниви бунар, нема излез“ - вели Стојанчо Божиноски. 

„Друг пат немаме, се молевме се молевме со државата ни направија еден подвожњак ставија милиони евра и џабе ќе биде се. А овој пат бараме да се пробие, да може да живееме. Затоа што еднаш го пробија, па само си ископаа канали и го затворија патот“ - вели Милојко Трајковски од село Сушица. 

Надлежните признаваат дека ова не е единствениот проблем. Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта вели нотирале повеќе од десетина вакви пропусти, кои претходно не биле опфатени во проектот за автопатот. Затоа распишале нов тендер, со кој тврди ќе ги решат сите аномалии. Локалните жители пак, такви ветувања слушнале  одамна и алармираат дека неопходна е итна акција.

„Видете каква штета ни имаат нанесено. И оваа вода полето ќе ни го поплави и селото, ќе се случи исто како во Стајковци.“ „Кога ќе дојде оваа вода, и селото ќе го однесе“ - стравуваат жителите. 

Китанов тврди дека Сушица ќе им биде прв приоритет, а дополнителните зафати, вели нема да го одложат отворањето на автопатот, кој неколкупати неуспешно беше пуштан во употреба. Сепак, иако се уште е забранет да се користи, дел од граѓаните се чини изгубиле трпение, па и денеска тука слободно си минуваа.

0 Коментари

Остави коментари