Со низа активности и свечености почна одбележувањето на 34-от роденден на АРМ

34 години современа македонска Армија. По повод 18 Август, Денот кога е формирана Армијата, со воени почести, интонација на македонската химна, марш, како и со други активности се одбележува овој ден. Во штипската Касарна „Јане Сандански“ на свечениот чин со смотра на вториот пешадиски баталјон на присутните им се обрати командантот на единицата, потполковник Ристо Стоев, кој меѓу другото истакна дека овој ден е симбол на воена традиција, на пожртвуваноста и храброста на генерациите кои ја носеле одговорноста да ја штитат татковината, но и на професионалноста и посветеноста на денешните припадници на Армијата.

Министерот за одбрана, Владо Мисајловски пак пред платото на Министерството за одбрана и Генералштабот во Скопје им се заблагодари на сите вработени за нивниот труд, посветеност и професионалност, посочувајќи дека токму тие се столбот на одбранбениот систем. Мисајловски нагласи и дека се работи на повисоки плати и подобри услови за работа и дека кон секој предизвик пристапуваат од иста перспектива.

Инаку, Централната свеченост по повод Денот на Армијата ќе се одржи утре, во Центарот за обука на вода „Биљанини Извори“ во Охрид.