„Со гладен стомак не се слави празник“ - велат жителите од Шутка и Топана за меѓународниот ден на Ромите
Foto

„Со гладен стомак не се слави празник“ - велат жителите од Шутка и Топана за меѓународниот ден на Ромите

„Ова е џунгла. Ова не се трпи. Ова гледај. Ви личи на населба ова? Па ова е катастрофа.“

Кому му значи нешто 8-ми април кога и денес треба да се јаде. Празник се слави ако имаш услови за тоа и ако имаш зошто да го славиш. Вака ќе ви речат жителите на Шутка и Топана, ако ги прашате како тие го одбележуваат меѓународниот ден на Ромите. 

„Еве животот е ова шо гледате, ромски живот. Тоа е.“ - на триесетгодишниот Орхан, овој ден не му значи многу, бидејќи и денес дома го чекаат пет гладни усти.

„Ако работиш ќе има ако не не, државата едно социјално ни дава и то ќе го укинат. Ние земавме за трето дете еве ни го укинаа.“ - се жали тој.

Ни во Шутка ни во Топана, денеска немаше посебна празнична атмосфера. Секој си ја брка работата за да скрпи живот. Некои, дури се револтирани од посебното внимание од државните функционери, за кои велат дека на нив се сеќаваат само еднаш во годината и во предизборие.

„Абе видете, Ромите тука, посебно во населба Шуто Оризари и Топана, немаат соодветни услови. Сите имаат свој интерес, самите политичари гледаат свој интерес, инаку за овие нашите деца, за вработување да кажеме од 20 години нагоре, ниту еден нема вработување.“ - вели друг жител на Топана.

Главен бизнис во овие населби е собирање шишиња и старо железо. А со тоа, велат не се живее, ниту се прославува.

(Има ли за што да се слави?) Кога има пари секој ден има празници кога нема џабе ти е се. Тоа, е еден апел од мене за сите за цела Европа. Toa e сиромаштија.- вели еден од жителите.

Сиромаштијата пак, оди рака под рака и со неписменоста, криминалот, дрогата. Малолетничките бракови тука станаа традиција, а според статистиките на Здружението на Ромки, дури секоја петта трудница е малолетничка. За вистинска интеграција и подобрување на статусот на Ромите, требаат пари и посветеност, алармира во своите истражувања и народниот правобранител, според кои, во последниве десет години, државата скоро и да не мрднала со прст.

0 Коментари

Остави коментари