Со чиј кредит ќе се гради брзата пруга?

Големи светски финансииски институции испратиле понуда да ја финансираат изградбата на брзата пруга од Табановце до Гевгелија. Иако рокот за пријавување истекува денеска, премиерот Мицкоски е задоволен од интересот, откако министерството за финансии покани 24 банки да ја финансираат изградба на брзата пруга на Коридорот 10.

Од Министерството за финансии денеска за ТВ24 велат дека ќе го почекаат рокот за пријавување, пред да објават официјални информации.

„Крајниот рок за испраќање понуди завршува денеска, но ќе почекаме уште некој ден за евентуални понуди испратени по пошта, пред да објавиме официјални информации за имињата на банките и финансиските институции.“

Пред три недели финансии испрати барања за финансирање на речиси две милијарди евра до 24 водечки меѓународни банки и финансиски институции, со цел да обезбеди пари за изградба на брза железница долж Коридорот 10. Гарант за овој кредит е Обединетото кралство, а овој гигантски проект, за кој владата тврди дека ќе го модернизира транспортниот систем во земјата, сега ја отвора вратата кон светските финансиски пазари, барајќи партнерство со најголемите играчи во глобалната економија.

Дел од нив се звучни имиња како Морган Стенли, ЏП Морган, Дојче Банк, Сосиете Женерал, Банка на Америка, јапонската МУФГ Банка, како и американската Голдман Сакс. Изградабата на пругата ќе биде инвестиција на државата и таа нема да се дава на концесија или јавно-приватно партнерство. Се очекува да биде пуштена во 2031 година, а инвестицијата да се врати за 10-12 години.